„Конзуларни“ консултации меѓу Софија и Скопје до крајот на месецов, најавува Коџабашев

До крајот на месецов Софија и Скопје ќе одржат консултации за проблемите од конзуларен карактер со кои, како што објави БНР, Бугарија и натаму се соочува во односите со Северна Македонија.

Бугарскиот заменик министер за надворешни работи Костадин Коџабашев најави дека на средбата Бугарија ќе ги постави сите отворени прашања на оваа тема. Според него, во Министерството и натаму пристигнувале извештаи за односот на македонските гранични органи кон Бугарите на 4 февруари, кога бугарски граѓани беа задржани на границата.

– Кршењето на правата на Бугарите, без разлика дали се бугарски граѓани или граѓани на друга земја, е апсолутно неприфатливо и ќе ги искористиме сите расположливи можности, сите наши ресурси, да се спротивставиме на ваквите дејствија, кои ги носат сите знаци на систематско и намерна политика, изјавил Коџабашев.

Во текстот се додава дека политичарите во Македонија ја злоупотребуваат тезата дека Софија остро го поставува прашањето за правата на македонските Бугари поради претстојните избори.

– Оваа теза не одговара на вистината и повеќе звучи како изговор за недостиг на волја од страна на Скопје наскоро да започне со исполнување на одамна преземените обврски. Нашата загриженост за Бугарите во Република Северна Македонија нема да исчезне по следните избори, бидејќи нема да исчезне проблемот со нивните права. Колку побрзо властите во соседната држава го препознаат постоењето на овој проблем и преземат ефективни чекори за негово решавање, толку побрзо Скопје ќе напредува на својот европски пат“, изјави Коџабашев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот