Конзерваторски центар: Парцелата кај Скупи каде е најдена плочата со натпис „дарданус“ целосно е истражена археолошки уште лани

Градежната парцела покрај локалитетот Скупи на која се пронајдени две плочи со разни натписи, меѓу кои на едната се појавува и зборот „дарданус“ е истражена минатата година и се документирани сите пронајдени археолошки содржини, велат од Конзерваторски центар Скопје за „Слободен печат“. Плочата, заедно со другиот движен археолошки материјал што е пронајден на таа парцела е предаден во ЈУ Музеј на град Скопје, наведуваат од центарот.

ТВ21 пред неколку дена објави прилог дека на улицата Скупи деновиве, при ископ за петкатница се пронајдени остатоци од некропола и плочи со натпис „дарданус“, кои не се третирани соодветно, односно едната плоча е оштетена при ископите, а информацијата предизвика повеќе реакции од албански институции и организации. Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани рече дека двете пронајдени плочи имаат исклучителна вредност за албанското културно наследство и изрази загриженост дека тие може да ја имаат судбината на илјадници артефакти што се преместени во скопските музеи, а не се презентирани ниту се научно толкувани. Ваљон Бела од партијата Беса изјави дека институциите не го сфаќаат сериозно прашањето за археолошките пронајдоци во зоната кај античкиот град Скупи, која според него, е оставена на милост и немилост на инвеститорот кој е сопственик на имотот и најави дека ќе постават и прашање во Собранието за тоа што да се преземе за да се спречи уништувањето на наследството од овие простори, особено на Албанците. Здружението за култура и заштита на духовното и културно наследство „Хута“ од Тетово, пак, со писмо до градоначалничката Данела Арсовска побара да бидат стопирани сите градежни активности на улицата Скупи од број 57 до број 67, затоа што, како што наведуваат, за време на копањето за нова петкатница таму е пронајден археолошки локалитет со веќе ископани артефакти од 3 и 4 век.

Од Конзерваторскиот центар Скопје велат дека во моментот вршат заштитни археолошки ископувања во контактната зона на Споменичката целина Антички град Скупи. Тие смируваат  дека пред да почне каква било изградба во контакт-зоната на Скупи претходно треба да се завршат археолошки истражувања и тоа е веќе сторено со конкретната парцела на која се гради.

– На просторот кој се истражува не се гради. Се гради на соседната парцела која веќе е истражена. На парцелата на која се гради ископувањата се завршени минатата година, целата парцела е комплетно истражена и документирани се сите пронајдени археолошки содржини. Движниот археолошки материјал пронајден на парцелата е предаден во ЈУ Музеј на град Скопје – велат од Конзерваторски центар за „Слободен печат“.

На прашањето како треба да се постапи при пронаоѓањето на некропола и дали сметаат дека е во ред што наодите се изнесуваат во музеј, наместо да се проширува самиот археолшки локалитет и артефактите да се презентираат на самото место, со што ќе се зголеми и туристичката понуда на Скопје, од Конзерваторски центар велат:

– Пронајдената стела со латински натпис на кој пишува ДАРДАНУС е пронајдена како дел од гробна конструкција. Таа е реупотребена, односно е во секундарна употреба како дел од гроб. Истата треба да биде отстранета за да се истражи и документира гробот. Ваквите стели кои не се најдени ин ситу се третираат како движен археолошки материјал и затоа треба да бидат предадени на чување во Музејот на град Скопје, како надлежна институција за просторот кој се истражува.

Во јавноста се отвори и прашањето зошто воопшто е дозволено да се гради кај античкиот град, пракса која е почната одамна, односно и во минатите децении врз Скупи се граделе куќи, згради, улици, па и градскиот старски дом, а тоа продолжува и сега.

– Во 2016 година НУ Конзерваторски центар Скопје има направено Елаборат за ревалоризација на археолошкиот локалитет Скупи. Врз основа на овој елаборат постои одлука на Владата со која се одредени границите на локалитетот, заштитеното подрачје, контактната зона и режимот на заштита. Парцелите на кои се гради се наоѓаат во контактната зона, каде е пропишан режим на дозволена градба со задолжителни претходни заштитни археолошки истражувања. Како надлежна институција за ваков вид истражувања, НУ Конзерваторски центар Скопје во моментов истражува согласно препишаната методологија за ваков вид на истражувања. На сопственикот ќе му се дозволи градба откако истражувањата ќе завршат. Ваквите градби не го загрозуваат локалитетот Скупи, бидејќи тие се градат во зоната на некрополите на Скупи, надвор од заштитеното подрачје на локалитетот – објаснуваат од Конзерваторски центар Скопје.

Пред три дека екипи на ТВ21 снимија прилог кај градилиштето на кој се гледаат остатоци од древни гробишта, стари гробови со човечки останки, надгробни плочи итн, по што Државниот инспекторат за градежништо го загради просторот со лента со напис дека градилиштето е затворено. Изјава за наодите даде и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Арјан Асланај според кого додека има археолошки ископувања и не се направи збирка од сите археолошки работи, таму не смее да се гради, а дополнително ќе се утврдува дали и што ќе се гради на просторот. Тој, дури рече дека плочата допрва ќе биде однесена во Музејот, на град Скопје, и тоа од страна на инвеститорот, кој е должен да ја чува и да ја предаде неоштетена, и вети дека за два дена плочата ќе биде исчистена и изложена за јавноста.

Според објаснувањето на Конзерваторски центар, пак, законските процедури се запазени и нема пречка да продолжи изградбата на предвидените згради во контакт-зоната до Скупи, на оние парцели каде што се завршени претходните заштитни археолошки истражувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот