Контролорите на ЈСП казнуваат студенти кои не си ги продолжиле годишните билети

ЈСП автобус
Автобус на ЈСП / Фото: МИА

Од први јануари годинава, студентите кои не ја продолжиле важноста на годишните студентски билети за бесплатно користење на јавен превоз во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), немаат право да ги користат непродолжените билети, велат од претпријатието за Мета.

Студенти кои добиле казни од страна на контролорите во автобусите реагираат затоа што сè уште не стигнале да ги продолжат годишните билети. Други студенти, пак, велат дека поминале само со „предупредување“ од контролорите, но без казни.

Претходно, информацијата дека непродолжените билети бесплатно ќе можат да се користат до февруари ја пренесе Инстаграм профилот „Судентарија“, откако ваков одговор добиле од страна на вработена во контакт-центарот на ЈСП Скопје.

Она што дополнително ги збуни студентите е тоа што минатата година ЈСП двапати го пролонгираше рокот за продолжување на бесплатните годишни студентски билети, прво до февруари, а потоа до 31 март, на барање на Универзитетското студентско собрание при УКИМ поради тогашната ситуација со ковид-19. Годинава вакво соопштение немаше, а во известувањата на ЈСП никаде не е наведено кога е крајниот рок за продолжување на бесплатните билети.

Последното соопштение на ЈСП Скопје во кое се спомнуваат студентските билети е објавено на 23 септември минатата година кое гласи „Упатство за издавање студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз“.

„На бруцошите, билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година. Останатите студенти, за да ја продолжат важноста на билетот за 2022 година, треба да достават потврда за редовен студент не постара од еден месец и да приложат индекс со запишан зимски семестар“, без притоа да се наведе крајниот рок за продолжување на билетите“, се вели во соопштението.

Од ЈСП Скопје за Мета велат дека студентите што не ја продолжиле важноста на бесплатните картички „Скопска“ за 2022 година, не можат да ги користат за транспорт низ главниот град.

„Секој студент има(ше) доволно време и право на продолжување на билетот уште од пред месец – два, односно со приложување на соодветна документација (индекс со запишан зимски семестар и потврда за редовен студент, не постара од 1 месец). Не постоеше оправдана причина за пролонгирање на рокот за продолжување на билетот, што беше случај во изминатата година“, одговорија од ЈСП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот