Компанијата на Маск повторно чипираше животно: „Тој е еден среќен мајмун“

Компанијата „Neuralink“ вградила чип во еден мајмун за животното да може да „игра видео игри со својот ум“, изјавил сопственикот, Илон Маск.

Тој во текот на конференцијата на приватната социјална мрежа „Clubhouse“ објаснил дека компанијата моментално ја тестира технологијата на „мајмун со безжичен имплант во главата“.

„Не можете да забележите каде е вметнат имплантот. Тој е еден среќен мајмун“, изјавил Маск, додавајќи дека повеќе детали за ваквиот тест ќе се знаат во наредните неколку месеци, пренесува „Sky News“.

„Една од работите кои се обидуваме да ги откриеме е дали можеме да направиме мајмуните меѓусебно да играат пинг понг со своите умови. Тоа би било кул“, изјавил Маск.

Како што додал, минијатурниот имплант кој го развила компанијата содржи повеќе од 3000 електроди, прицврстени за флексибилни нишки со големина од околу 1/10 од влакно. Крајната цел е создавање на директна врска помеѓу мозокот и компјутерот.

Главниот невролог на „Neuralink“, Метју Мекдугал вели дека првите испитувања ќе се фокусираат на пациенти со парализа или параплегија, но не открил кога истите ќе започнат.

Од компанијата се надеваат дека оваа технологија ќе придонесе за пронаоѓање на лек за невролошките состојби како Алцхајмерова болест и деменција, но и кај повреди на ‘рбетниот мозок.

За потсетување, ова не е првпат „Neuralink“ да вгради чип во некое животно – тоа беше случај и минатата година кога компанијата чипираше свиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот