Комисијата за заразни болести утре одлучува за дневниот престој во училиштата

Фото: EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Од епидемиолошката слика ќе зависи каква ќе биде одлуката на Комисијата за заразни болести која утре претпладне ќе се состане да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата.

– Последната информација што ја имавме во Комисијата е дека нема да има целодневен престој. Утре ќе имаме состанок и ќе ги видиме ставовите на министерот за здравство, на членовите на Комисијата, истакна денеска директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, кој присустуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

– Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мала за никако да претставува ризик по нивната безбедност, појасни Филипче.

Исјановски не исклучува можност за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од корона вирусот.

– Да, можно е повторно затворање на градинките, можно и да се преземат одредени мерки и да се дадат насоки од Комисијата кон Владата, рече Исјановски.

Родителите на децата до шест години, од 23 септември треба да се вратат на своите работи позиции, како и оние кои користат продолжено породилно отсуство, а Филипче вчера во однос на барањето на овие родителите рече дека доволно време траеја сите мерки што се имплементираа во однос на продолжување на породилното отсуство.

– Ги укажаа нивните барања, ги слушнавме нивните аргументи и остануваме и понатаму во континуирана комуникација. Во однос на градинките развиени е алгоритми како и што се поставува кога ќе се дијагностицира дете, направени се протоколи за работи. И морам да кажам дека секојдневно ја следиме ситуацијата, рече министерот.

Директорот на струмичката градинка, Васил Бубев вчера информира дека уште две деца од градинката од истата група од која е првото, се позитивни на Ковид-19.

– Не може да се потврди дека станува збор за поврзаност со првиот случај на Ковид- 19 во групата, бидејќи едното од децата воопшто не се сретнало со првото позитивно дете, додека другото било во контакт само еден ден. Не е исклучена можноста да станува збор за пренос на вирусот од други лица во кругот на семејствата кои можеби се носители на вирусот, но се асимптоматски, изјави директорот Бубев. Единаесетте деца од оваа група и тројца вработени се наоѓаат во изолација.

На 15 септември беше забележан прв случај на дете заразено со коронавирус, во градинката „13 Ноември” во скопската општина Центар.

Од следната среда, освен родителите на децата до шест години, лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, согласно владината одлука на работа се враќаат и хронично болните, со исклучок на лицата, кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот