Колку се среќни граѓаните на Македонија зависи од многу фактори

Универзитетската професорка Ана Фрицханд анализирајќи го Извештајот на Индексот на среќа во земјава вели дека во прашање е перцепција. Во тоа истражување вели таа, е наведен индикатор во однос како луѓето ја доживуваат ефикасноста на владата, институциите, луѓето кои ги водат и така натаму. Според неа има пет индикатори кои ги мерат, во смисла колку државата е фискално способна, бруто-домашниот производ, владеење на правото, колку може да ги исполнува услугите кон граѓаните. Она што, исто така, е важно и се нагласува е довербата во системот, социјалната поддршка.

„Јас не би споредувала овде во регионот. Имаме сличности, културолошки, но и различни сме по одредени нешта. Меѓутоа ако ја погледнете онаа втора компонента, здравјето, односно животниот век, Македонија е на 88 место и проценето е на 75-годишна возраст“, вели Фрицханд во емисијата ВИН-ВИН, на телевизија Телма.

Според неа, повеќе е како нашите граѓани го перцепираат квалитетот на живот што го имаат.

„Ако тргнеме да разговараме што нè прави среќни, некогаш може да добиете и една друга перцепција или слика. Некој може ќе рече „да, во општеството не е се како што треба да биде, може да биде многу подобро, но на личен план се чувствувам среќен затоа што сите дома се здрави, јас сум здрав, покрај мене се луѓето кои што ми значат, тука се секогаш за мене кога ми требаат“. Значи нешто што е многу помоќна мотивација да ве турка напред. „Водам живот кој има смисла, имам цел во животот, колку и да е тоа на некое микро ниво“, рече Фрицханд.

Во голема мера, според неа, не е само општествената призма, туку има многу индивидуално чувство како секој од нас се чувствува.

Извештајот за Индекс на среќа, според кој Македонија е на  84-тото место во светот, се заснова на проценката на луѓето за нивната среќа, како и на економските и социјалните податоци. Извештајот разгледува шест клучни фактори: социјална поддршка, приход, здравје, слобода, благосостојба и недостиг на корупција.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот