Гастрономско ремек-дело на Дијана Иваноска: Посна галета со домати

Фото: Приватна архива

Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

– Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната – ни открива Дијана.

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – посна галета со домати.

– Никогаш досега не сум правела галета во посна варијанта и искрено, немав високи очекувања, но сум презадоволна како излезе и колку вкусна беше. Крцкавата кора во комбинација со сочните домати и пестото даваат прекрасен вкус и текстура. Се надевам ќе ја пробате. Ако не постите, слободно употребете обичен путер – порачува Дијана.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 240 грама брашно
– 125 грама растителен путер ладен и исечен на коцки
– 1 лажиче сол
– 1/2 лажиче микс зачини по желба (јас користев провансалска мешавина)
– 2-4 лажици ладна вода
– домати по желба
– 1 лажиче маслиново масло
– песто посно
– посно крем-сирење
1 лажица растително млеко

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во брашното се додава солта и зачините и се меша. Ладниот путер се трие со брашното додека се добие ронлива смеса.

Се додава од ладната вода лажица по лажица и се меша. Кога ќе притиснете со рака од смесата ако задржува форма, готово е. Не треба да се меси само да се спои во топка. Притиснете го и оформете диск за да ви биде полесно да го развлечете подоцна.

Завиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер минимум еден час.

Загрејте ја рерната на 200 степени Целзиусови.

Исечете ги доматите на кругови и прелијте ги со лажиче маслиново масло. Додајте малку од зачинот у измешајте ги.

На набрашнета работна површина или на хартија за печење развлечете го тестото во круг 30 см.

На средината намачкајте тенок слој крем-сирење. Врз него нанесете слој песто.

Врз пестото наредете ги доматите.

Краевите од тестото превиткајте ги врз доматите.

Со четка, премачкајте ги краевите на тестото со млеко.

Печете околу 50 минути или додека убаво поруменат краевите.

Уживајте!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот