Колку часа неделно се работи во Европа? Македонија и регионот далеку над европскиот просек
Во некои европски држави се работи само 32 часа неделно, додека Македонија и земјите од регионот и понатаму се меѓу оние со подолго работно време, објави „Нова“.
Препорачано
Според најновите податоци на „Евростат“ за 2025 година, просечното работно време во Европската Унија изнесува 35,9 часа неделно. Најдолга работна недела има Грција со 39,6 часа, по што следуваат Бугарија и Полска со по 38,7 часа, Литванија со 38,4 и Романија со 38,2 часа неделно.

Од друга страна, најкратка работна недела има Холандија, каде просечно се работат само 31,9 часа неделно. Веднаш зад неа се Данска и Германија со по 33,9 часа, како и Австрија со 34 часа неделно.
И Македонија се вбројува меѓу државите со подолго работно време. Според претходни европски анализи, просечната работна недела во земјава изнесувала околу 39 часа, што ја става блиску до земјите од Балканот со најдолго работно време.
Во Србија, според претходните податоци, просечната работна недела изнесувала околу 42,3 часа, додека во Босна и Херцеговина околу 40,8 часа неделно.
Експертите посочуваат дека пократкото работно време не мора да значи помала продуктивност. Напротив, државите како Холандија, Германија и Данска со години се меѓу економски најсилните во Европа, иако имаат значително пократка работна недела.
Токму затоа, во последните години низ Европа сè почесто се отвора дебата за четиридневна работна недела и дополнително намалување на работните часови, со цел подобар баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.


