Колегите се збогуваат со Слаѓана Милошевиќ: „Принцезо, патувај во некој друг свет…“

Фото: Инстаграм/Слаѓана Милошевиќ

Српската пејачка Александра Слаѓана Милошевиќ почина денеска на 68-годишна возраст по долго и тешко боледување, а сега колегите и пријателите се простуваат од неа преку медиумите.

Српскиот медиум „24 седам“ стапи во контакт со пејачката Неда Украден, која истакна дека нејзината колешка била „поинаква од сите други“. Таа потенцираше дека, и покрај разликите, многу се почитувале.

„Многу ми е жал, таа беше исклучителна личност. Многу посебна, поинаква, талентирана, штета што околината не ѝ ја препозна вредноста“, изјави таа, па продолжи:

„Јас почнав малку пред неа. Слаѓана беше посебна во секоја смисла, лично и музички. Таа остави голема трага на музиката од овие простори, па затоа изразувам сочувство до нејзините роднини, пријатели и обожаватели. Ние сме ѝ благодарни за секоја прекрасна порака што ја напиша. Колку и да сме различни, ние сме доволно културни да ги почитуваме разликите и да се однесуваме еден кон друг со зборови на восхит и почит. Штета е што почина релативно млада. Слушнав дека не била соодветно третирана… И покрај тоа, нејзините песни и дела ќе останат како спомен на една исклучителна личност“, додаде Украден.

Музичарот Момчило Бајагиќ – Бајага изјави дека неговата колешка била „прекрасна личност“.

„Слаѓана беше прекрасна личност и голем уметник. Таа е првата значајна рок пејачка кај нас. Нејзиното заминување е голем удар за екс-ју поп-рок сцената. Имав можност да работам со неа на нејзиниот прв албум. Ѝ напишав неколку текстови. Секогаш беше авангарда за своето време. Во подоцнежните години научи да свири гитара и одлично ѝ одеше… Знаев дека е болна, но не знаев дека е сериозно“, изјави Бајага.

Фото: Инстаграм/Слаѓана Милошевиќ

Жељко Самарџиќ напиша на својот инстаграм-профил дека ја имал честа да ја познава и да работи со Милошевиќ.

„Имав чест да ја познавам Слаѓана и да работам со неа. Родени сме на ист ден, во иста година. Прекрасно се сложувавме и се почитувавме. Ние се запознавме во Скопје во осумдесетите години, кога таа ја пееше големата ‘Принцеза’ со Дадо Топиќ. Почивај во мир и нека ти е вечна слава“, напиша пејачот.

Членките на женската музичка група „Фрајле“ се простија од Милошевиќ на нивниот официјален инстаграм-профил.

„Принцезо, патувај. Во друг свет, свој и различен“, стои во нивната објава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот