Кој стигнe се фати за јазикот

Фото: EPA-EFE/ANTONIO PEDRO SANTOS

Власта очекува словенечкото претседателство да продолжи да работи по португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија, а опозицијата вели дека тој предлог е „лански снег“ и најавува дека ќе поднесе резолуција во Собранието за да се дефинираат црвените линии во разговорите со Софија.

Во португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија не е предвидено Софија и Скопје да постигнат договор за македонскиот јазик, туку секоја страна ќе се изјасни за својата позиција. На овој став на власта, опозицијата обвини дека јавноста се замајува со предлог што Софија веќе го одбила.

Бугарија ќе изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и во сите идни документи треба да биде сметан во согласност со Уставот на земјава, а Македонија ќе изјави дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година, пишува во португалскиот предлог за решавање на јазичниот спор.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи „единствениот сè уште жив и валиден предлог за решавање на спорот е португалскиот предлог“, а според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тоа е „лански снег“ и Македонија треба да понуди свој предлог. Опозицијата вчера најави и дека ќе поднесе резолуција во Собранието, базирана на дефинициите на МАНУ и на УКИМ, и ќе побара државен консензус за „црвените линии“ во спорот со Бугарија, поврзани со јазикот, историјата и идентитетот, што пак владејачката СДСМ експресно го одби.

 

Секоја страна со свој став

 

Османи објасни дека за македонскиот јазик воопшто не разговарале на билатерално ниво со Софија, а прашањето за јазикот се третира единствено во португалскиот предлог, кој сега е преземен од словенечкото претседателство. МНР го смета за валиден документ затоа што Бугарија сè уште отворено не го отфрлила, иако не го ни прифатила.

– На самата меѓувладина конференција, Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот, и ние би имале наша еднострана унилатерална изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има два различни става. Од Северна Македонија се очекува само да се потврди фактот дека јазикот е кодифициран во 1945 година, без други формулации – објасни Османи за време на „Преспа форумот“ во Охрид.

Тој додаде и дека неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва изразил жалење на начинот на кој неговата заменичка Ана Паула Закаријаш ја формулирала изјавата за македонскиот јазик („северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот“) и потврдил дека ставот на Португалија е ист како во предлогот.

Министерот за правда Бојан Маричиќ објасни дека идејата на унилатералните изјави за некои прашања, вклучувајќи го и јазикот, е токму тоа да се укаже дека двете страни имаат различни ставови по одредени прашања.

– Ние од нашата позиција не можеме да отстапиме. За нас е многу важно во рамките на законодавството на ЕУ и во преговарачката рамка да остане формулацијата дека правото на ЕУ се преведува на македонски јазик и во контекст на тоа немаме проблем, доколку дадеме унилатерална изјава во која ќе се изнесат факти, но исто така со тоа не признаваме дека македонскиот јазик постои од 1945 година. Сигурно дека постои претходно, а е кодификуван тогаш, и тоа е прашање факт – рече Маричиќ.

 

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе резолуција

 

Од друга страна, Мицкоски тврди дека португалскиот предлог е одбиен од Софија и е беспредметно да се разговара за него. Тој е убеден дека словенечкиот премиер Јанез Јанша ќе даде максимум за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

– Јанша знае со кого си има работа тука, дека му пишуваа сешто и го напаѓаа, ама тој е голем пријател на Македонија. Заедно ќе работиме на тоа процесот да се заврши и целосно ќе се ставам на располагање до локалните избори, по кои многу работи на политичката сцена ќе се сменат. Убеден сум дека Јанша ќе даде сè од себе земјава да ги почне преговорите, но ние мора да ја завршиме домашната задача – рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе резолуција во Собранието за заштита на црвените идентитетски линии во спорот со Бугарија, од кои оваа и секоја идна влада не треба да се повлече, бидејќи тоа би предизвикало нарушување на државните интереси. Од партијата посочуваат дека бугарските ставови се прецизно дефинирани во нивната парламентарна декларација и од нив не отстапуваат бугарскиот претседател и влада, а проблемот е што македонските позиции се нејасни и свесно се допушта тие да бидат флексибилни и на штета на идентитетските обележја.

Од СДСМ возвратија дека македонскиот јазик и идентитет се потврдени и признаени од цела Европа и од целиот свет.

„За тоа не се потребни никакви резолуции и заклучоци. Очигледно само на Христијан Мицкоски не му е јасно кои се македонските идентитетски линии, па затоа настапува со популистички барања. Таквиот неискрен и нечесен однос кон државните и национални интереси одново ќе го чини пораз од граѓаните“, се вели во соопштението од СДСМ.

Додека на домашната сцена спорот со Бугарија почнува да се користи во предизборната реторика, во европратениците во Софија продолжуваат да ликуваат по изјавата на Закаријаш. Според Ангел Џамбаски, нејзината позицијата треба да послужи како пример за оние кои не ја разбираат целосно суштината на спорот.

– Токму поради тоа, и Заев и Пендаровски и сите македонски политичари се во паника, единствениот одговор им се несоодветни реакции поврзани со бесмислена проверка на точноста на изјавата. Тотална немоќ – рече бугарскиот пратеник.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, бугарските причини за блокада на Македонија ги нарече приказни за мали деца и оцени дека ЕУ, а не Македонија или Бугарија, е причината за застојот во проширувањето.

– С Македонија не е виновна, со оглед на тоа дека ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и промената на своето име. Покрај тоа, поплаките на Бугарија, кои доведоа до вето на С Македонија, беа приказни за мали деца – вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот