Кој купи поевтино – купи, другите ќе го чекаат Дедо Мраз
Од крајот на октомври до Нова година, цените ќе се вратат на претходното ниво, а следната кошница ќе биде околу Божиќ, прецизираат од Министерството за економија и труд за „Слободен печат“
За десетина дена завршува мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, која требаше да ја наполни есенската кошница со 73 производи со 10 отсто, ограничена бруто-профитна маржа и на големо и на мало. Граѓаните заштедија незначителна сума, а најголемиот дел од нив се разочарани, бидејќи намалувањата се движеа од 1 до 30 денари. Тие се прашуваат од каде Владата ја извади математиката дека во нивните џебови на месечно ниво ќе останат фазла од 690 денари до 1.360 денари со пониските цени на оризот, брашното, тестенините, маслото, млекото, јогуртот, млечните производи, зеленчукот и овошјето.
Препорачано
Првичните анализи од терен покажаа дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 проценти, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема, како кај лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи е значително поголемо како кај месото, зеленчукот, сирењето и кашкавалот.
Она што е јасно е дека од 31 октомври до Нова година, цените ќе се вратат на претходното ниво, а следната кошница ќе биде околу Божиќ, прецизираат од Министерството за економија и труд за „Слободен печат“.
– Есенската кошница завршува, а следната ќе биде за Нова година – Божиќ. Таа може да биде со различни производи од актуелната, но на 31 октомври мерката се прекинува и нема да биде во континуитет. Министерот Бесар Дурмиши веќе нагласи дека овие кошници ќе бидат со ограничено траење. Тоа значи дека нема да има ограничени маржи од 1 ноември се до наредната кошница – велат од МЕТ.
Оваа мерка, ќе продолжи и во наредниот период како божиќна, рамазанска и велигденска кошница.
– Во наредниот период се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо имајќи го предвид и намалувањето на цените во трговијата на големо, кое допрва треба да се случи во наредните пратки, при достава на производите во маркетите – посочи министерот Дурмиши.
Министерот за економија потсети дека во сила e и Законот за нефер трговски практики, но производите ќе се продаваат по старите цени додека не се потрошат залихите во маркетите.
– Во овие три месеци тече преодниот рок за усогласување на цените во кои Комисијата за заштита на конкурентност ќе биде на терен и ќе ги опоменува тие што не го почитуваат Законот и ќе им дели совети да го почитуваат. Потоа кон крајот на годинава или на почетокот на идната ќе почне со казнување и ќе постапуваат според надлежностите што ги имаат во согласност со Законот. Во меѓувреме, тече процедурата во Собранието за реорганизација на Комисијата за заштита на конкурентност со која, ќе се подобри нејзината функционалност.
Според Дурмиши, Министерството за економија и труд нема информации за изигрувањата што ги прават трговците во имплементацијата на Законот за нефер трговски практики.
– Кога ќе излезе на терен Комисијата за заштита на конкурентност, ако забележи дека има неправилности од компаниите, нормално е дека ќе се постапува според Законот и ќе пишува казни – истакна Дурмиши.
Со Законот за нефер трговски практики се ограничуваат рабатот и дополнителните трошоци за над 2.500 прехранбени производи, од што се очекува дополнително намалување на цените на храната до крајот на овој месец.


