Кирил Поп Христов - Кили/Фото: МНТ

Кој беше Кирил Поп Христов – Кили?

Познатиот македонски актер Кирил Поп Христов-Кили почина во средата на 58-годишна возраст во Еквадор. Тој се пресели во јужноамериканската држава во 2014 година со семејството, сопругата Гордана и ќерките. И покрај преселбата, повремено се враќаше во Скопје и одржуваше контакт со пријателите и колегите од театарската и филмската сцена.

Кили на настап на „Златна бубамара на популарноста“ / Фото: Радио Бубамара / Фејсбук

Заминувањето на Кили – мултиталентираниот глумец, музичар, уметник во секоја смисла на зборот и фигура каква што ретко се среќава во современата македонска култура воопшто, бездруго е голема загуба. Колегите и публиката ќе го паметат како посветен актер, кој со својата работа и со блескавата надареност остави длабока трага во македонскиот театар, во филмот и на телевизијата.

Кили на настап на „Златна бубамара на популарноста“ / Фото: Радио Бубамара / Фејсбук

Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година во Скопје, а поголемиот дел од животот и актерската кариера ги помина во родниот град.

Тој дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1989 година. Од 1993 до 2014 година работел во МНТ, а во 2018 година повторно се вратил на истата сцена, оставајќи значаен белег во институцијата како дел од актерскиот ансамбл.

Поп Христов во текот на тие две децении настапи во многубројни претстави и соработуваше со познати режисери и актери, градејќи препознатлив актерски стил.

Кили важеше за еден од највпечатливите современи македонски актери, а многу реплики од неговите ликови се паметат и денес, навлезени во секојдневниот говор.

Публиката ќе го памети по улогите во филмовите „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на 20-тиот век“ и „Панкот не е мртов“, како и по значајните театарски улоги во претставите „Ричард Трети“, „Злосторство и казна“, „Ревизор“, „Народен пратеник“, „Ослободување на Скопје“ и други драмски дела. Тој остави трага и во телевизиската продукција со улогите во „Трст виа Скопје“, „Бумбари“ и „Досие Скопје“.

Покрај актерската работа, Кирил Поп Христов беше и композитор на музиката за филмот „Судијата“ (2002), на режисерката Жанета Вангели.

На социјалните мрежи сопругата на Кили, кореографката Гордана Деан Поп Христова, објави емотивни фотографии од нив двајца. Многубројни колеги и пријатели емотивно се збогуваа со Кили.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by SLOBODEN PECAT (@sloboden_pecat)

ФОТО | Кирил Поп Христов е горд дедо: Ова се внуците на актерот од двете ќерки, постариот Аниш Круз и помалиот Каи

Последно збогум од МНТ: „Денеска се простуваме од нашиот Кили“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот