Книжевно списание: Педесеттиот број на списанието „Синтези“ целосно е посветен на Блаже Конески

Јубилејниот педесетти број на списанието „Синтези“, целосно е посветен на делото на големиот македонски поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист Блаже Конески (1921-1993). Објавувањето на овој број, поддржан од Министерството за култура во рамките на програмата за проекти од национален интерес, е во пресрет на прогласената Година на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од раѓањето на поетот.

Новиот број на „Синтези“ на своите страници донесува богат избор од поезијата на Конески, од сите фази на неговото творештво, почнувајќи со стихови од „Стариот нотес“, создавани во 1939 година, до последната песна „Зимско утро“, напишана на 29 ноември 1993 година, само неколку денови пред физичкото заминување на поетот. Објавен е и познатиот арс-поетички есеј на Конески, „Мојот опит“, огледите „За македонската литература“, „Поезијата на Кочо Рацин“ и „Излезе сејач да сее“, како и негови искази за творештвото под наслов „За пораката“.

Блаже Конески (1921-1993)

Во посебен оддел се објавени и толкувачки прилози за поезијата на Конески, како текстовите „Блаже Конески или обележје на една поетска епоха“ од Георги Старделов, „Поетското послание на Блаже Конески“ од Веле Смилевски, „Поезија на чувствена и богата едноставност“ од Едрју Харви и Ен Пенингтон и „Поезијата на Блаже Конески“ од Матеја Матевски.

Документарниот дел на „Синтези“ донесува факсимили на своерачно напишани песни од Блаже Конески, како и голем број фотографии од кои дел за прв пат се објавуваат. Списанието „Синтези“ го објавува Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот