Книжевна вечер посветена на Дубравка Угрешиќ ќе го отвори книжевниот фестивал „Друга приказна“

На 26 август (петок), во Сули ан, започнува тридневниот книжевен фестивал „Друга приказна #7“, кој во Скопје ќе претстави 40-ина гости од регионот и од земјата. Вториот и третиот фестивалски ден ќе се одвиваат во МКЦ Скопје.

Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони.

Фестивалот во петок, во 18 часот, ќе го отвори белградскиот трансдисциплинарен уметник Урош Крчадинац со претставување на два свои проекти – изложбата „Бантустански мапи“ и предавањето „Дигитална поетика“.

Рачно илустрираните мапи од патописниот роман „Бантустан“ на Крчадинац претставуваат сложени таписерии од пиктограми, идеограми, различни писма, грбови, лавиринти, тајни пораки и скриени симболи. Како патописен роман и рачно илустриран атлас, интимна исповед и збирка животни приказни, „Бантусан“ е приказна за поделбите, изолацијата, контактот и замислувањето на новата картографија на човековите односи на заедничката планета.

Предавањето „Дигитална поетика“ е базирано на двете сестрински книги на Крчадинац, „Тактилна поезија“ и „Оптимизирана поезија“, воедно дигитално-книжевен уметнички проект. Тие ги опишуваат новите поетски пракси за производство на текст во време на масовен надзор, вештачка интелигенција и дигитална комодификација.

Централниот дел од вечерта, со почеток од 20 часот, ќе биде настанот посветен на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, која е и лауреатка на овогодишното издание на „Друга приказна“. Во видео-разговор кој ќе го води Румена Бужаровска, таа ќе зборува за своето творештво и општествен ангажман.

За вонредните остварувања на Угрешиќ во експерименталната проза свои излагања ќе имаат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка).

Воедно, ќе бидат промовирани и две нови македонски изданија на Угрешиќ: нејзината најнова книга „Нарилник за вештерки“ и нејзиниот, можеби најпознат роман, „Штефица Цвек во челустите на животот“. Книгите се во коиздание на „Темплум“, „Контрапункт“ и МАМА-Загреб. Првата фестивалска вечер ќе биде затворена со мал концерт на Димитра во 22.30 часот.

Четириесетината учесници од регионот и од нашата земја за време на фестивалот ќе се обидат да ги лоцираат современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараат за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираат интригантни интердисциплинарни проекти кои го шират полето на културата.

„Новата писменост“, во контекстот на „Друга приказна“, меѓу другото значи и борба за поинакво, „поалтернативно“ разбирање на книжевноста, кое истовремено е пошироко, посинтетичко, и кое уште идеалистички верува во моќта на книжевноста да ги менува човекот и светот.

Фестивалот „Друга приказна #7“ е поддржан од „Традуки“ и од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Влезот на сите настани е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот