Книгата е објавена со насловот „Оган и ништо“

Книгоиздателството „Матица македонска“ објави нов избор поезија од поетот Бранко Миљковиќ

Речиси половина век по објавувањето на претходниот, прв избор од поезијата на Бранко Миљковиќ во препев на македонски јазик, објавен е нов избор од творештвото на големиот српски и јужнословенски поет што меѓу првите ја ослободи книжевноста од пригодноста и дидактичноста, од практицистичките и прозаични, чисто фолклористички потреби.

„Матица македонска“ го објави изборот „Оган и ништо“ приреден и препеан од истакнатиот македонски поет, книжевен критичар и преведувач Раде Силјан, кој е уште една потврда дека Миљковиќ, мошне автентично ја возвиши поетската реч на пиедесталот на препознатливост во пошироки тематско-естетски рамки.

Новиот избор приреден од Силјан е обемен и критички опфаќа песни од сите книги на Миљковиќ. Претходниот избор од поезијата на Миљковиќ беше објавен во 1979 година, и исто беше приреден и препеан од Силјан, а доживеа преобјави и во 1986 и во 1988 година. „Оган и ништо“ е објавен во 2025 година, во пресрет на 65-годишнината од трагичната завршница на физичкиот живот на Миљковиќ и по чествувањето на 90-годишнината од неговото раѓање.

Всушност, ова издание е и критички избор – резултат на повеќедецениската посветеност на Раде Силјан на поезијата на поетот за којашто самиот тој има напоменато дека е „елоквентна, честопати премногу дотерана, верна на една концепција на книжевноста според која конкретниот предмет, убавината и грациозноста на јазикот се од пресудно значење“.

Станува збор за редок случај во македонски и во јужнословенски рамки – за толкава фасцинираност и посветеност на поезијата на друг поет – претходник и современик, и тоа од периодот на раната творечка фаза до зрелата творечка доба на Силјан.

Според него, при секое навраќање, при секој нов обид да се анализира поезијата на Миљковиќ се наметнува констатацијата дека тој умееше да пронајде мотив за песна и во ништожни, безначајни пунктови, но во исто време знаеше и умееше на големите теми да им влее нова и кристална содржинска полнотија; знаеше на љубовта да ѝ ја спротивстави смртта; на надежта да ѝ одговори со младешки занес.

„Оган и ништо“ се вбројува меѓу изданијата со коишто „Матица македонска“ веќе триесет и петта година пред македонските читатели ги афирмира и истакнува вредностите на јужнословенскиот книжевен канон, градејќи мостови меѓу македонската и другите јужнословенски културни средини.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 318, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31.1.-1.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот