Книги за деца од Васил Мукаетов: Ангажирани стихови за поука и радост

Писателот на литература за деца, Васил Мукаетов, во еден здив објави три нови збирки. Станува збор за книгите „Од згода до згода, заграб бистра вода“ (умнозборки, пословици и поговорки), „Што е, што не е?“ (стихувани гатанки) и „Ај погоди!“ (песни дополнувалки).

Инспирацијата за првата книга со умнозборки, пословици и поговорки Мукаетов ја црпи од нашиот најплоден собирач и запишувач на фолклорот, Марко К. Цепенков, кој собрал повеќе од 5.000 народни пословици и поговорки. Писателот Мукаетов дел од поговорките ги пренесува како песни со поука за децата, а целта е преку селектираните поговорки да се бори со заборавот на усно пренесуваното фолклорно наследство. Книгата со стихувани гатанки содржи точно 99 на број, а сите се напишани со намера децата да се ангажираат со допишување на зборовите што недостигаат. Доколку децата не можат сами да го најдат решението, тогаш напомош треба да им пријдат нивните родители. Третата книга содржи 95 песни-дополнувалки, со што децата на некој начин стануваат коавтори на песните што ќе успеат да ги допишат.

Писателот Васил Мукаетов со своите читатели другарува уште од 60-тите години на минатиот век преку страниците на списанијата „Другарче“, „Колибри“, „Развигор“, а застапен е и во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, во 2017 година ја доби наградата за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“ на ДПМ за стихозбирката „Скокни прескокни“. Досега има објавено 20-ина книги за деца, а новите три книги се издадени од „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 60, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот