Класична литература во „Макавеј“: Жестоко обвинение кон расизмот и експлоатацијата

Издавачката куќа „Макавеј“ ја објави книгата „Ние, робовите од Суринам“ од Антон Де Ком (1898-1945), класик на холандската литература. Преводот од холандски јазик е на Ели Пујовска и е поткрепен од Холандската фондација за литература. Станува збор за книжевно ремек-дело, лична и општа историографија, како и жестоко обвинение кон расизмот и експлоатацијата.

Оваа книга, која била објавена пред 88 години и која малкумина читатели ја знаеле, одеднаш се најде на првото место меѓу десет најпродавани холандски книги. Обновениот интерес за „Ние, робовите од Суринам“ се должи на промената на „канонот на холандската историја“: Антон де Ком бил активен претставник на деколонизацијата на „Западот“ или холандските Кариби – Суринам и (поранешните) Холандски Антили.

Книгата претставува радикално пренапишување на историјата на Суринам, за првпат целосно преточена од перспектива на црнечко селанче. Неверојатна е неговата храброст, дух и упорност во остварување на ова дело, бидејќи тој морал од сосема поинаква перспектива да го прегледа речиси секое поглавје од холандската колонијална историја.

Авторот ја засновал својата книга на претходната историографија на Суринам, но ги менува улогите: водачите на бунтовните робови не се безимени бандити, туку херои и примери чии имиња можат гордо да се споменат. Тој е жесток критичар на вековната експлоатација на Африканците кои биле принудени на безнадежна егзистенција, тортури и измачувања во фабриките за шеќер и на плантажите, објаснуваат од „Макавеј“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 124, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот