Јонче Христовски / Фото: Јутјуб / МРТВ / скриншот

Ќерката на Јонче Христовски раскажа за неговите последни денови: Починал во тага и имал само една желба

Тажна животна приказна има доајенот на македонската народна музика, Јонче Христовски. Тој доживеа голема трагедија од која до крајот на својот живот не закрепна.

„Еден и единствен, едноставно бард над бардовите, Јонче Христовски!!! 1931–2000. Ти благодарам за цело музичко богатство што ни го остави во наследство!!!“, напиша музичарот Петар Георгиевски-Камиказа на неговиот фејсбук-профил.


Потоа, тој сподели дел од интервју на ќерката на Јонче, Невена, која зборувала за последните денови на својот татко.

„Пред да почине, кога веќе му стана многу лошо, на смртна постела ја довикуваше мајка ми. ‘Да ме закопате покрај неа, покрај мојата гулабица Оле’, ни кажа, и ние му ја исполнивме последната желба“, во постаро интервју раскажа Невена Гиговска, ќерка на легендарниот Јонче Христовски, за чиј живот неретки се јавните апели дека треба да се сними филм.

Големиот музичар и боем, со помош на мајката на неговата сопруга, ги одгледал двете ќерки близначки, откако сопругата му починала по породување. Едната ќерка го добила името по мајка ѝ – Олга, а другата го добила името по баба ѝ и по мајка – Невенка. Никогаш не се преженил и живеел за ќерките и за музиката. Христовски со невиден жар ги изведуваше своите песни, а многу од нив јавноста ги препознава како народни“, е сегментот што го сподели Перо Камиказа.

Фото: Приватна архива

Легендата на македонската народна музика, Јонче Христовски, е роден во Битола во 1931 година, а за жал се упокои во Скопје на 15 април 2000 година.

Јонче беше истакнат македонски пејач, текстописец и композитор на песни во народен дух, исклучително популарен естраден уметник, кој славата на македонскиот мелос ја пренесуваше низ целиот свет.

Најзапаметени меѓу народот ќе останат неговите сценски настапи со фрлање на палтото на земја, бакнување на земјата и боемскиот, мераклиски начин на живот, отсликан во неговите изведби на песните.

Во 1963 година починала неговата сопруга и тој, како самохран татко, останал да се грижи за своите две ќерки. На сопругата ѝ ја посвети песната „Животе мој“, во која пее за нивната силна љубов, но и за несреќата што останал без неа.

За ќерките Невена и Олгица, негови колеги раскажуваа дека биле центарот на неговиот живот, а тој им бил и татко и мајка. Ги водел со себе на настани и се грижел ништо да не им недостига во животот.

Според последните информации, Невена останала да живее во Скопје, додека пак Олгица се преселила во Канада.

Невена, ќерка на легендарниот пејач, се расплака на сцената на Националната опера и балет, додека заедно со Виолета Томовска испеа дел од „Македонско девојче“, песната што ја создал нејзиниот татко, на концертот посветен на Јонче, кој се одржа во април 2023 година.

ФОТО | Ќерката на Јонче Христовски се расплака на концертот посветен на татко ѝ: Невенка со Виолета Томовска ја испеа „Македонско девојче“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот