Ќе успее ли е-фактурата да ја обели сивата економија во Македонија?

Сива економија/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

Неприбраните фискални приходи од сивата економија се повеќе од унгарскиот кредит и во просек колку една еврообврзница од претходните години, оценува извршната директорка на „Фајненс тинк“ Благица Петрески и додава дека не е едноставно да се одговори на прашањето зошто сивата економија останува на високо ниво.

Сивата економија во Македонија е штетник не само за државниот буџет, туку и за оние компании што работат легално, затоа што преку неа се поттикнува нелојалната конкуренција, тврдат даночните експерти со кои разговараше „Слободен печат“.

Било да се работи за непријавена дејност или, пак, за работа во даночно-правниот систем со прикривање приходи и трансакции за да се намали даночната основа и да се избегне плаќањето на јавните давачки – сивата економија ја урнисува македонската економија.

– Непријавената дејност во најголема мера им припаѓа на некои услужни дејности какви што се поправки, сервисирања, занаетчиски работи, домашни производи, зелени пазари и слично. Но има и непријавување приходи преку најразлични облици за даночна евазија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирање на целиот промет, непријавени трансакции итн. Сметам дека второто е поголем приоритет и опфаќа многу поголем процент на даночната евазија отколку непријавената дејност на некои физички лица што ова го прават како дополнителна дејност и како извор на приход од сопствен труд и работа. Ова не значи дека и првиот дел, на претежно услужни дејности, не треба да се формализира – вели за „Слободен печат“ даночниот експерт Душко Гошевски.

Тој е дециден дека сивата економија освен што ги намалува даночните приходи, придонесува и за нелојална конкуренција и дестимулација на даночниот морал кај оние што чесно и посветено ги работат своите бизниси и ги плаќаат своите давачки.

– Од аспект на ценење на трудот и желбата на некој да заработи со свој ангажман, ние можеме со човечка симпатија и толеранција да помислиме дека тој барем чесно заработил. Но, веднаш зад аголот има некој што основал фирма со истата дејност, кој плаќа придонеси, даноци, индустриска струја и најразлични фискални и парафискални давачки и згора на тоа треба да се бори и со нелојална конкуренција и помала цена на чинење на производ, без разлика дали станува збор за доградба на ѕид, правење домашни торти, зеленчук, поправка на мобилни телефони или слично – објаснува тој.

Сива економија/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

Приближно 700 милиони евра неприбрани фискални приходи се од сивата економија

Институтот за економски истражувања „Фајненс тинк“ пресметува дека сивата економија учествува со 21,3 проценти во вкупната економија, но има и други пресметки што продуцирале повисок процент. Разликите во процентите се поради тоа што кога се мери сивата економија, се мери нешто што е невидливо. Но, кој процент и да се земе, тој е многу висок. Управата за јавни приходи и Министерството за финансии велат дека работат на намалување на сивата економија преку повеќе механизми. Еден од нив е воведувањето на е-фактурата.

Од Министерството за финансии велат дека спровеле активности за да се утврди нивото на неформална економија во земјава и за пресметка на индикаторите за неформална економија со цел полесно справување со оваа појава. Според информациите оттаму, во Министерството се работи на воспоставување систем за прибирање, обработка и размена на податоците со цел поефикасно детектирање, следење и дејствување во насока на намалување на неформалните активности.

– Клучно во оваа насока ќе биде јакнењето на свеста за неформалната економија и јакнење на даночниот морал и на довербата во институциите. Една од алатките што ќе го поттикне овој процес е воведувањето на е-фактурата за следење на прометот во трговијата. Ќе се работи на унапредување на законската регулатива и ефикасност во нејзината имплементација, а со тоа да се унапреди деловното опкружување и да се креира стимулативна рамка за формализација на неформалната економија – велат од Министерството за финансии за „Слободен печат“.

Извршната директорка на „Фајненс тинк“ Благица Петрески оценува дека приближно 700 милиони евра неприбрани фискални приходи се од сивата економија. Таа забележува дека тоа е повеќе од унгарскиот кредит и во просек колку една еврообврзница од претходните години. Прашана зошто сивата економија останува на високо ниво, вели дека не е едноставно да се одговори.

– Од една страна, секако дека носителите на политиките не водат битка со сивата економија. Земете ја минатата Стратегија за формализација на сивата економија 2018-2022 и погледнете ја нејзината реализација, која ја објавиле самите носители на политиките во следното издание. Забележуваме дека повеќе од половината од предвидените активности за таа битка не биле реализирани, односно не ни почнале со реализација. Потоа, еден голем контингент само почнале со реализација, но не завршиле, а најмал сегмент е завршен. Но, кога ќе погледнете што е тоа, забележувате дека биле завршени тренинзи за различни чинители – вели Петрески.

Благица Петрески/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Таа го отвора прашањето дали активностите предвидени во Стратегијата се соодветни на појавните облици на сивата економија и дали ќе го адресираат проблемот.

– На пример, дали е-фактурата ќе помогне во сузбивање на сивата економија? Мојот едноставен одговор е дека не знам, затоа што не сме направиле истражување дали на доминантните облици на сива економија во земјава главниот удар ќе им се зададе со е-фактура, или тоа ќе биде некоја козметичка промена. Ние со децении, всушност, функционираме на тој начин – нешто што било применето во други контексти го земаме и претпоставуваме дека автоматски ќе функционира и кај нас. Значи, за нашата сива економија немаме доволна дијагностика – вели Петрески.

Уште еден фактор зошто сивата економија останува на високо ниво, според неа е и однесувањето на граѓаните и на фирмите, односно високата толерантност за сивата економија.

– Секој нека си го постави прашањето кога во некоја продавница му рекле „ако ми платиш во готово, цената е пониска за 18 проценти“. Повеќето од граѓаните тоа не го одбиваат, бидејќи имаат директен и краткорочен бенефит, односно платиле пониска цена. Или кога во кафуле не добиваат фискална сметка. И така натаму. Тоа е поврзано и со нашиот фискален морал што како општество останува релативно низок – додава Петрески.

Парите во плик за работниците се фрапантен проблем што ја храни сивата економија

„Фајненс тинк“ препознава дека не е доволно јасно од што се состои македонската сива економија и досега анализираше три сегменти на оваа проблематика, меѓу кои еден се нерегистрираните микровршители на дејност односно тоа се сите мајстори, занаетчии, слаткари, кои испорачуваат услуга или во својот дом или во домот на купувачот.

– Утврдивме дека ова не е доминантниот дел на сивата економија, иако мора соодветно да се адресира и дадовме соодветни и конкретни препораки, кои минатата влада не ги зеде предвид, а ќе видиме дали новата влада ќе сака нешто од тоа да искористи. Вториот сегмент е непријавениот труд. Тој се јавува во два облика: целосно непријавени работници и нецелосно пријавени работници. Кај целосно непријавените работници нема голем проблем, бидејќи тие зафаќаат околу 10 проценти од вкупно вработените, меѓутоа половина и повеќе од нив се неплатени семејни работници во земјоделството. Поголем проблем се нецелосно пријавените работници, што најчесто се јавува како форма на осигурување работник на минимална плата, или на помалку часови од полно работно време, и доплатување на остатокот од извршената работа на рака, или во плик, за да се избегне плаќање на давачките. Овој сегмент е голем, би рекла фрапантен, процените се дека повеќе од петтина од вкупниот трудов придонес останува под радарот на властите – вели Петрески.

Според неа, грубо, тоа се изгубени околу 250 милиони евра фискални приходи годишно за државата, во форма на директни даноци и придонеси. Третиот сегмент е потпријавениот промет, односно ситуацијата во која продавачот не го регистрира прометот за да избегне плаќање на ДДВ. За тоа клучна е отвореноста на Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи во обезбедување соодветни податоци којашто досега ја немаше. Во секој случај, според Петрески, за борбата со сивата економија битна е силна политичка волја, одлучност за непристрасност и неселективност и секако добра екипираност на инспекторските институции, примарно УЈП и Трудовиот инспекторат.

Сива економија/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

Од Управата за јавни приходи велат дека работат на воведување интегриран даночен информациски систем. Овој напреден систем треба да овозможи автоматизација на сите даночни процеси, вклучувајќи валидација на податоци, процена на ризици и идентификација на неусогласености.

Што се однесува до воведувањето на е-фактурата, од УЈП велат дека процесот ќе вклучи изработка на спецификација и набавка на потребните ИТ-компоненти (хардвер и софтвер), подготвување регулатива (законски измени), развивање на софтверот, тестирање на системот со крајните корисници и слично. Тоа се меѓусебно поврзани и условени активности, кои ќе бидат детално планирани со рокови. Целта со овој проект е да се воведат посигурни системи за известување и е-услуги, односно нови дигитални солуции: е-фактура, е-плаќање, е-издавање документи, кои ќе овозможат поврзаност и комуницирање на УЈП со „природните“ системи на даночните обврзници и преземање трансакции, односно процесите на оданочување и известување до УЈП ќе се вметнат во системите на даночните обврзници како вграден дел од нивното бизнис-работење.

Гаранција за точно пресметување на данокот

Е-фактурата ќе биде нова дигитална услуга, која ќе го олесни деловното работење на компаниите, а од аспект на даночниот процес овој систем ќе обезбеди податоците за оданочливите промети да доаѓаат до УЈП во реално време и да имаме точно пресметани даночни обврски. Пресметувањето на даночните обврски на некој начин ќе биде интегрирано во самото деловно работење, во системите на даночните обврзници кои ќе бидат поврзани со УЈП. Ваквите нови дигитални солуции ќе ги вклучуваат правилата за пресметување на данокот, тоа ќе биде гаранција дека данокот ќе биде пресметан во точен износ, а известувањето до УЈП ќе се случи во реално време, тогаш кога настанува оданочливиот промет или приход, велат од УЈП за „Слободен печат“.

Оттаму објаснуваат дека воспоставувањето на ИТ-системот за е-фактура ќе се подготвува со консултанти.

– Ќе се набави хардвер и софтвер, ќе има законски измени, развивање на софтверот, тестирање на системот со крајните корисници и слично. Секако дека компаниите ќе можат да работат со ваков систем. Компаниите, даночните обврзници и сега работат поврзани со системи на УЈП. Новиот систем ќе биде дизајниран внимателно, ќе биде едноставен за да може да го користат сите даночни обврзници. Тој ќе овозможи поврзување, односно еден вид вмрежување на компаниите, УЈП, Царината, Министерство за финансии и други страни. Преку овој систем, во реално време ќе поминуваат сите трансакции што претставуваат издавање фактура или друг соодветен документ што се однесува на настанат промет на добра и услуги меѓу даночни обврзници – велат од Управата за јавни приходи.

Исто така со помош на овој систем ќе се овозможи УЈП да ја изготвува ДДВ-пријавата како однапред пополнета даночна пријава и во неа да ја пресметува обврската за ДДВ или повратот на ДДВ за секоја компанија односно даночен обврзник, со што даночните обврски за ДДВ ќе бидат точно пресметани врз основа на податоците од е-фактурите.

– Со ова во голема мера ќе се намали ризикот за пријавување неосновани барања за поврат на ДДВ и злоупотреба на буџетски средства преку измами со повратот на ДДВ. Обврската за издавање на фактурите преку овој систем ќе направи своевиден притисок врз компаниите да не можат да прифатат деловни трансакции со нерегистрирани фирми, односно овој механизам ќе има влијание и врз намалување на некои појавни форми на сивата економија – велат од УЈП.

Уште една важна алка во борбата против сивата економија е да се вмрежат институциите, во случајов Министерството за финансии, Царината и УЈП. Тоа треба да се случи со проект на Светската банка. Во Министерството за финансии на таков начин се планира да се воведе нов Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС), а во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања – Информациски систем за управување со државна помош (СИМИС). Во УЈП, пак, ќе се имплементира ИДИС.

– Целосната дигитализација на услугите кон даночните обврзници ќе овозможи компаниите да заштедат на време и на трошоци, а ќе доведе и до зголемување на наплатата на даноците, како и до намалување на неформалната економија, што им помага на формалните бизниси да ги зголемат своите приходи преку слободна, ефективна и фер конкуренција – велат од УЈП за „Слободен печат“, но не прецизираат кога ова ќе се случи. Сите процеси, додаваат оттаму, бараат време и јавноста ќе биде информирана.

УЈП/ Колаж: Слободен печат

Министерството за финансии е децидно дека со моделот за е-фактура се цели да се зголеми ефикасноста прибирањето на даночните приходи, а во исто време трошоците на даночните обврзници да се држат на најниско можно ниво преку искористување на ресурсите на УЈП.

– Основниот концепт на системот за е-фактура ќе овозможи регистрирање, евидентирање и обработка на податоците од фактурите во системот на УЈП. Концептот е-фактура е планиран да се спроведе во согласност со најдобрите европски практики, односно со него се дигитализира целиот процес на издавање, достава и прием на фактурата. Целта е системот на е-фактура да биде применлив за сите даночни обврзници, односно да им се даде соодветна можност на сите видови даночни обврзници да можат да креираат, да доставуваат и да примаат фактура во електронска форма – објаснуваат од Министерството за финансии.

Борбата со сивата економија е континуиран процес на долг рок

Сивата економија има повеќе појавни форми, а под директен мониторинг на УЈП треба да бидат оние форми што се однесуваат на непријавување приходи и промети и нивно неоданочување. Оттаму велат дека редовно ги потсетуваат даночните обврзници да ги пријават приходите, имаат даночен календар, советодавни посети кај даночните обврзници, брошури и фискална едукација на младите во средните училиште за да се запознаат со тоа зошто се плаќаат даноците.

Даночниот експерт Душко Гошевски смета дека во изминатите три децении нашиот даночен систем е поставен во согласност со меѓународните стандарди и регулативи.

Душко Гошевски/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Сега преостанува фокусирање на последното важно даночно прашање од системски аспект, а тоа е борбата со сивата економија како континуиран процес на долг рок. Даночните политики, стапки и услови зависат од програмите на политичките влади и за нив може да се дебатира на разни основи, но борбата со сивата економија е еден друг, важен и неопходен сегмент на кој треба да му се пријде систематски и суштински.

– Да, во Македонија се донесени неопходните акти за борба против сивата економија. Пред сè мислам на стратегиите од ресорните министерства, како министерствата за финансии и за труд; донесени се и акциски планови кои, всушност, се патокази за чекорите што се преземаат и ќе се преземаат во тој дел – смета тој.

Според него, во еден современ, дигитализиран економски свет, начинот на кој треба да се следат даночните обврзници е преку воспоставување систем на контрола, кој ќе може врз основа на параметри, податоци и најсовремени техничко-технолошки методи да утврдува можности од потенцијална даночна евазија.

– Колку и да се зголемува бројот на инспекторатите или на самите инспектори, физички невозможно е да се исконтролираат повеќе од 70.000 активни деловни субјекти и милиони трансакции. Во услови на глобализација, на економија без граници и на вештачка интелигенција, успехот од борбата со сивата економија, но и со секој аспект на даночната евазија зависи од модернизацијата и примената на најсовремени методи на следење и контрола – вели Гошевски.

Според него ,тенденцијата на благо намалување на сивата економија се должи на дигитализацијата на плаќањата и намалувањето на готовинските трансакции како дел од современиот свет и тоа, самото по себе, влијае и врз намалување на готовинските текови како извор на неформална економија.

Има многу компаративни примери на кои начини други држави се справиле или се справуваат со сивата економија. Но, секогаш најважен и прв чекор е дијагностиката, односно таргетирање на секторите, дејностите или на потенцијалните даночни жаришта каде што треба да се фокусира одреден акционен план, вели Гошевски.

– За да утврдите колкава е даночната основа и колкав дел од таа основа не се пријавува, мора да имате соодветни податоци за тоа колкав промет се прикрива. Мора да се „сними“ прометот за да се знае квантумот на даночната база во еден локал, на една улица, на еден град или на една дејност, за да може даночната администрација потоа да следи дали има отстапување од регистрирањето на приходите и тоа со најразлични алатки, модели за вкрстување на податоци, физичка контрола и слично. Современиот развој на економијата, автоматизацијата и дигитализацијата на плаќањата и намалувањето на готовинските текови на пари, ќе помогне во намалувањето на неформалната економија поради самата природа на новиот глобален поредок, но еден дел од работата мора да ја завршиме и ние самите како општество – истакнува Гошевски.

Со овој текст, Слободен печат се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот