Амбулантски возила пред градска болница / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

„Ќе те убијам“: Вака ѝ се заканувале членови на семејството на двегодишното дете кое почина, на докторка во Градска болница

Една од докторките што биле на смена во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ и која прва го примила двегодишното дете со заскитан метален фрагмент во главата на новогодишната ноќ, кое подоцна почина во Клинички центар, добила закани по живот од членови на семејството, тврдат за „Слободен печат“ сведоци на инцидентот и вработени во болницата. Сепак, настанот не го пријавиле во полиција, затоа што како што велат ова за нив е „добар ден“ – речиси секој ден здравствените работници во оваа и други болници во државата се изложени на навреди, закани, физички напади, пцовки и притисоци особено кога се работи за здравствени ситуации кои се животозагрозувачки и стресни.

-Во СВР Скопје пријава од страна на доктор од ГОБ „Св. Наум Охридски“ за закани по живот до овој момент нема – велат од МВР за „Слободен печат“. 

Сепак, лекарката успеала да ја задржи присебноста и професионалноста, брзо ја проценила здравствената состојба на детето и тоа беше префрлено во Клинички центар „Мајка Тереза“ додека во ходниците летале закани дека „ќе ја убијат“ ако не го спаси.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека истрагата е во тек, официјализирано е дека во главата на детето завршил куршум, но дека не се работи за куршум што е директно насочен за да го застрела детето, туку се работи за залутан куршум. Иако е тешко да се детектира и открие конкретен сторител во вакви ситуации, рече тој, полицијата ќе продолжи да презема чекори за да утврди сторител за смртта на детето. Тошковски потврди дека во Градска болница ноќта кога е донесено детето имало нарушување на јавниот ред и мир и според министерот затоа полицајците интервенирале.

-Интервенирањето на полицијата е поради агресивно и недолично однесување во Градска болница. Барањето е упатено од страна на службени лица во болницата. Полициски службеници се упатиле во Градска болница зашто добиле информација за нарушен јавен ред и мир. И навистина имаат констатирано на лице место состојба каде јавниот ред и мир бил нарушен од поголем број на лица. Запознаен сум дека има забелешки во делот на интервенцијата на полициските службеници и по спроведена истрага на МВР ќе ги соопштиме деталите, изјави министерот Тошковски. 

Вработени во градската болница, водени од странските искуства во регионот што ги виделе, сметаат дека поголемите клинички центри и болници од секундарното здравство во Македонија треба да бидат обезбедувани од страна на Министерството за внатрешни работи, со униформирани вооружени полициски службеници. Така, велат тие, нивната безбедност и работа ќе бидат осигурани и ќе можат да се фокусираат на медицинските интервенции. Сега се снаоѓаат само со обезбедување.

Конкретниот настан се случи ноќта на прагот на новата година. Двегодишното дете со повреди на главата од метален фрагмент, почина во Клинички центар „Мајка Тереза“ а претходно беше донесено во Градската болница. Адвокатот на семејството Срџан Амет за „Слободен печат“ рече дека 5 минути по полноќ на Нова година, семејството Арслани се наоѓало пред својот дом со цел да го проследи новогодишниот огномет. Домот е лоциран во импровизирана населба во близина на топланата на БЕГ. Во еден момент, мајката забележала дека малолетното дете Нагип е неподвижно и не реагира. При обидите на родителите да го разбудат, било утврдено дека детето не дише. Истовремено, била забележана повреда во пределот на главата, со видливи траги на крварење.

Родителите немаат сознанија како и кога настанала таа повреда, ниту пак било забележано претходно какво било опасно дејствие или инцидент. Детето било итно пренесено во здравствена установа, каде што од страна на медицинските лица била констатирана смрт. Со оглед на нејасните околности и постоењето на повреда на главата, телото било предадено на Институтот за судска медицина за вршење обдукција – вели адвокатот на семејството Срџан Амет за „Слободен печат“.

На родителите единствено им била дадена потврда дека смртта на детето била резултат на насилна смрт, без дополнителни детали, наоди или образложение за причината и начинот на настанување на повредата. Семејството на детето преку адвокатот бара итна, темелна и транспарентна истрага, со вклучување на сите релевантни институции.

– Во исто време, остануваат отворени сериозни прашањата, зошто членовите на потесното и поширокото семејство биле приведени и лишени од слобода, врз основа на кои индиции или докази се преземени такви мерки, и зошто изготвувањето на детален обдукциски извештај се најавува во рок од три недели, иако станува збор за случај со малолетно лице и висока чувствителност. Во интерес на вистината, правдата и заштитата на достоинството на починатото дете и неговото семејство, бараме итна, темелна и транспарентна истрага, со вклучување на сите релевантни институции, како и навремено и целосно информирање на семејството и јавноста. Очекуваме надлежните органи да постапат професионално, законито и без одолговлекување, со цел целосно расветлување на овој трагичен настан и утврдување на одговорност, доколку таква постои – вели адвокатот на семејството.

Таткото на детето во изјава за „Рома прес“ обвини за полициска бруталност и дека бил приведен и испитуван дали тој му направил нешто на неговото дете. Официјалната верзија од МВР е дека детето било донесено на Клиниката за неврохирургија со непознат метален фрагмент кој завршил во неговата глава.

На 01.01.2026 во 00:58 во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е пријавено дека кај нив во многу тешка состојба и со стран предмет во глава е донесено двегодишно дете од Скопје. Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето. Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26). Во 01:58 часот на 02.01.2026 детето починало, а лекар констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР. 

Нападот врз здравствените работници и здравствените соработници при вршење здравствена дејност е кривично дело. Во 2025 година изречена е една осудителна пресуда од Основниот суд Велес за лице кое сериозно се заканувало дека ќе нападне здравствени работници при давање здравствени услуги на начин што откако повикал интервенција од амбулантата за итна медицинска помош од ЈЗУ Здравствен дом Велес заради укажување медицинска помош на неговата ќерка на медицинската сестра ѝ се обратил со зборовите „што му направивте на детето, видете во каква состојба е, тоа е мое дете, ако нешто му се случи сите ќе ве убијам, ќе ве запалам“, при што замавнувал со раката кон сестрата. Тој доби условна осуда.

Во 2024 година во Лекарската комора се пријавени четири напади. Анкетите на Лекарската комора покажуваат дека 78 проценти од испитаниците доктори, пријавиле дека на работа биле изложени на некој вид насилство. Покрај тоа, на социјалните мрежи чести се навредите и заканите за работата на здравствените работници од пациенти, членови на нивните семејства, но често инцидентите се премолчуваат и се прикриваат, а на сторителите им се прогледува низ прсти поради тоа што загубиле близок или пак тој се наоѓа во тешка здравствена состојба.

Светската здравствена организација проценува дека до 38 проценти од здравствените работници трпат физичко насилство во одреден момент од нивната кариера, а многу повеќе се изложени на вербална и онлајн злоупотреба. Таквата агресија може да има катастрофални последици, вклучувајќи и физички повреди, влијанија врз менталното здравје, а во најекстремните случаи, дури и смрт.

 

Мајката тврдела дека со детето излегла пред куќата да гледаат огномет: Познати детали за починатото двегодишно дете

Погребано двегодишното дете кое почина на Нова година – семејството преку адвокат бара правда и прашува зошто биле приведени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот