Ќе се реконструира улицата „Перо Наков” во Гази Баба

Градоначалниците Данела Арсовска и Бобан Стефковски/Фото: МИА

Целосна реконструкција на коловозот, тампонирање и поставување три слоја асфалт и замена на оштетените рабници е предвидено со проектот за реконструкција на улицата „Перо Наков”, со која се опфаќа потегот од крстосницата со улицата „Маџари” до улицата „Индустриска” 2, најави денеска градоначалникот на Општината Гази БабаБобан Стефковски.

Тој заедно со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска направија увид на состојбата на улицата „Перо Наков”, каде треба да почнат градежните работи за реконструкција.

– Проектите треба да бидат одраз на потребите, но и на барањата на граѓаните. Ние работиме во нивен интерес. Со меѓуопштинската соработка со Град Скопје ќе започнеме со реализација на голем број проекти во Општината Гази Баба кои ги бараат граѓаните, додаде Стефковски.

Градоначалничката на Град Скопје, Арсовска рече дека предлог за реконструкцијата на улицата „Перо Наков” дале три месни заедници на овој потег, како и голем број правни субјекти. Таа посочи дека месните заедници опфаќаат околу 10.000 граѓани кои континуирано циркулираат на тој потег.

– Ова е еден децениски проблем кој сега се решава. Градот Скопје со потпишаниот договор за меѓуопштинска соработка го разрешува овој децениски проблем, децениски предизвик со тоа што ќе инвестира во реконструкција вредна над 55 милиони денари. Верувам дека со редовните средби, комуникацијата која ја имаме меѓу Градот Скопје, општината, месните, урбаните заедници навистина ќе постигне многу во следниот период. Го охрабрувам граѓаните кои работат тука и живеат тука да ги даваат континуирано своите предлози со цел разрешување на предизвиците со кои се соочуваат, додаде Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот