Магла во Скопје / Фото: „Слободен печат“, Методи Здравев

Ќе му тргне ли на Скопје подобро во 2026-та?

Скопјани и понатаму дишат загаден воздух, инфраструктурата е лоша, сѐ уште нема забавен парк, железната конструкција на Универзална со години стои како симбол на срамот на некадарноста на надлежните, има два изградени и нефункционални мостови, многу дивоградби, подземна улица што не води никаде. Има сешто освен она што е потребно за нормално градско живеење.

Ништо не се смени на подобро во Скопје во изминатава година, дури граѓаните би рекле никогаш не било полошо во секој аспект од урбаното живеење.
Градот се удави во ѓубре, па и денес, по 72-часовната акција за чистење организирана од новиот градоначалник, сѐ уште има локации каде што е неопходно почесто да „заигра“ метлата.

Јавниот превоз е ужасен, а поради недоволниот број автобуси граѓаните и понатаму мрзнат по автобуските постојки, со трошка надеж дека состојбата ќе се подобри доколку еден ден стигнат автобусите што ги вети Владата. За овој проект тендерирањето очигледно бавно оди, па по година и пол од најавата на премиерот, се спроведе само еден, но и тој заврши неуспешно.

Со приватните превозници, кои во ноември ги построија новоувезените половни автобуси пред градоначалникот Орце Ѓеоргиевски, со кои наводно требаше да го зајакнат градскиот превоз, во практика излезе дека станувало збор за недоразбирање. Наместо нови 50 возила да се вклучат во јавниот превоз и уште 20 до Нова година, всушност со нив само се заменија некои од постојните што беа под сите стандарди за превоз на патници. Но колку и да се на број приватните автобуси, за скопјани не се менува ништо затоа што тие и покрај најавите дека ќе биде поинаку, повторно возат само наутро и во попладневните часови. Причината е веќе добро позната – ЈСП не им ги исплаќа парите што им ги должи за услугата што ја вршат.

Скопјани и понатаму дишат загаден воздух, инфраструктурата е лоша, сѐ уште нема забавен парк, железната конструкција на Универзална со години стои како симбол на срамот на некадарноста на надлежните, има два изградени и нефункционални мостови, многу дивоградби, подземна улица која не води никаде. Има сешто освен она што е потребно за нормално градско живеење.

Градот пред новогодишните празници е „магично“ тажен, иако Ѓорѓиевски, на две недели пред дочекот, стисна копче за да ја осветли елката и да внесе новогодишна магија. Но, светилките во центарот на градот не се доволни за да го разбудат празничното расположение кај граѓаните.

Единствено што е сменето на крајот на 2025 година е функционирањето на градскиот Совет. Додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ постојано ја блокираа градоначалничката Данела Арсовска и седеа со скрстени раце на секое гласање, мнозинството од оваа партија во новиот состав на Советот, сега послушно крева рака на секоја предложена точка на дневниот ред. Тоа значи, доколку не се промени сегашната состојба на Скопје во наредната година, додека не започне градот да се развива и да се издигнува од дното каде се наоѓа, веќе никој друг не може да биде виновен. Одговорноста единствено ќе биде на градоначалникот Ѓорѓиевски и на градскиот Совет.

Помина буџетот на Град Скопје за догодина, ниеден советник не гласаше против

Ѓорѓиевски во претстојната година вети преродба на градот. За реализација на располагање му е основен буџет тежок 5,2 милијарди денари, од кои речиси 1,8 милијарди се наменети за капитални инвестиции, што според градоначалникот значи повеќе инфраструктурни зафати, повеќе проекти на терен и конкретни, видливи резултати за граѓаните.

Меѓу капиталните проекти се издвојува изградбата на Лунапарк, кој ќе биде завршен во текот на 2027 година, како и инвестиции од 90 милиони денари за детски катчиња, игралишта, фитнес справи, урбана опрема, паркови и пешачки патеки. Преку развојните програми се инвестира во реконструкција и опремување на културните установи и Зоолошката градина, проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, заштита и уредување на културното наследство како скопско Кале, Аквадуктот, Старата чаршија и Скупи, како и изградба на бунари за техничка вода за наводнување. Се инвестира и во јавното зеленило со 210 милиони денари, набавка на нови канти и контејнери со 40 милиони денари, како и нови возила за „Комунална хигиена“ во износ од 24,2 милиони денари – вели Ѓорѓиевски.

Тендерот за изградба на лунапаркот веќе е објавен, трае до 13 јануари, по што треба да се знае која фирма ќе биде избрана за реализација на овој проект.
Градоначалникот ветува и дека во 2026 година фокусот ќе биде на патната и на сообраќајната инфраструктура и дека ќе се завршат многу започнати и оставени проекти.

Предвидени се средства за изградба и реконструкција на булеварите Македонија, Љубљанска, Борис Трајковски, АСНОМ и Цветан Димов, за кружниот тек во Ѓорче Петров, за довршување на Момин Поток по решената експропријација, како и за реконструкција на улиците Фрањо Клуз, Перо Наков, Димо Хаџи Димов, 101 во Волково, Бутелска и Радишанска, изградба на улицата Македонско-косовска бригада, мостот и булеварот ,Февруарски поход и уредување на пристапите и паркинзите кај Матка. Обезбедени се 130 милиони денари за експропријација со цел забрзување на реализацијата на булеварските решенија, како и дополнителни средства за тековно одржување, сообраќајна сигнализација, безбедност во сообраќајот и подготовка на нови сообраќајни проекти во соработка со УНДП – тврди скопскиот градоначалник.

Но пари за обнова на јавниот превоз, освен огромни субвенции за функционирање на ЈСП, не се споменуваат. Очигледно сите надежи на градската власт, исто како и на граѓаните, се насочени кон Владата, која вети набавка на 80 автобуси за Скопје, кој прво се спомнуваше дека ќе пристигнат во март, а последно Ѓорѓиевски рече дека се очекуваат во првата половина на наредната година. Со оглед на тоа дека тендер уште не е распишан, се чини овие очекувања се преоптимистички. Не се спомнува ни брзиот автобуски превоз, популарно наречен БРТ за што е обезбеден кредит од ЕБОР, но можеби затоа што за него нема да се трошат пари од буџетот, а дека сепак имплементацијата ќе започне во 2026 година.

Граѓаните веќе се изморија од ветувањата, но сепак кај нив има трошка надеж дека новото градско раководство ќе направи нешто подобро за градот. Па којзнае, можеби наредната нова година скопјани ќе ја дочекаат во подобро расположение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот