Ќе има второ изборно соочување во Турција, на Ердоган „за влакно“ му избега победата во првиот круг

Според официјалните податоци на турската Врховна изборна комисија, по преброени околу 95 % од гласачките ливчиња на денешните претседателски избори, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган со голема веројатност нема да успее да ја освои победата во првиот круг – му недостасуваат околу 0,5 отсто од гласовите за да има повеќе од 50 отсто, со што би ја однел победата.

Иако математички Ердоган сѐ уште има шанси да го достигне потребниот број гласови, тоа е многу малку веројатно, откако поддршката за него паѓаше константно во пребројувањето на последните 30% од гласачките ливчиња, кога се броеја гласовите од големите турски градови.

Според последните податоци од нешто пред полноќ, Ердоган освоил 49,56 % од гласовите, а опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу – 44.71 %.

Фото: Anadolu Agency

Доколку не се случи чудо со последните пет отсто од гласачките ливчиња, по две недели, на 28 мај, Ердоган ќе има ново изборно соочување со ривалот Киличдароглу.

Ова се првите претседателски избори од 2014 година навамѕ (откако беше изменет Уставот на Турција и земјата го замени парламентарниот систем со претседателски), на кои Ердоган не успева да победи во првиот изборен круг. Тој е на чело на Турција, како премиер или претседател, веќе дваесет години.

Се очекува изборната комисија околу еден часот официјално да ги соопшти првичните резултати од пребројувањето на гласовите од денешниот прв изборен круг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот