Ќе поскапат ли кременадлите и шницлите?

Месо, Фото: Profimedia

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го чека одговорот од Европската Комисија (ЕК) и Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ), со кој ќе добиеме статус на земја слободна од болеста класична свинска чума, а тоа ќе ги отвори вратите за извоз на живи свињи, свинско месо и македонски производи од свинско месо на европскиот пазар. Лани на 1 октомври, една година по прекинот на превентивната вакцинација против оваа болест, АХВ го достави Досието до ЕК и ОИЕ, со што и официјално аплицираше за дозвола за слободен извоз. Во ЕУ, класичната свинска чума е искоренета, а превентивната вакцинација е забранета како мерка.

-Во досието детално е наведена состојбата со болеста во земјава, постоечките контролни системи и поставеноста на ветеринарната служба, надзорот кој се спроведува од кога е престаната вакцинацијата, како и другите податоци релевантни за добивање на статусот – велат од АХВ за „Слободен печат“.

Првиот дозволен извоз на македонско свинско месо на европските пазари ќе биде одлична вест за домашните фармери, кои со години произведуваат и во целост ги намируваат потребите на домашните потрошувачи. Но, тоа од друга страна, може да предизвика и недостиг од овој месо во домашните медсарници, предупредуваат производителите.

-Ако добиеме можност за извоз на пазарите во ЕУ, може да се појави дефицит и повисоки цени. Пазарот во Македонија е мал, но нашите фарми се можеби на повисоко техничко и биосигурносно ниво од европските, па затоа ќе нудиме екстра квалитет на пребирливите европски купувачи – вели за „Слободен печат“, Гоце Трајчев, управител на МИК Свети Николе. 

Минатата година во кланичните капацитети во земјава заклани се 220.038 товеници (свињи и прасиња). Споредбено со изминатите години, оваа сточарска гранка бележи годишен раст на производството на товеници од 10-15 проценти- информираат од АХВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот