Ќе добиеме ли конечно доминантно приватна пошта?
Пазарот на поштенски услуги во Македонија од 1 јануари 2021 година треба да биде целосно либерализиран. Тоа е пропишано со сегашните одредби на Законот за поштенски услуги, кои предвидуваат укинување на резервираната област. На 31 декември годинава, завршува петтото пролонгирање на либерализацијата, дадено на барање на Македонска пошта.
Препорачано
Завчера Владата ги задолжи вицепремиерот за економски прашања, министерот за економија и директорот на Македонски пошти заедно да изготват физибилити-студија за начинот на постапката за приватизација на компанијата.
Понудени се две опции: преземање со јавно приватно партнерство или целосна приватизација. Премиерот Зоран Заев рече дека државите со кои се натпреварува Македонија имаат доминантно приватни пошти, а целта е граѓаните да имаат поквалитетни поштенски услуги.
Во 2009-та пропадна обидот за продажба на Македонска пошта на Канадска пошта, со која се преговараше две години.Канадска пошта понуди инвестиција од 40 милиони евра и ја побара поштата, без пари во наредните 20 години. Откако тогашната влада, го одби предлогот на Канадска пошта, ним во име на пенали им се исплатени повеќе од 200 илјади канадски долари. Како потенцијален инвеститор се споменуваше и Поштата на Словенија.
Либерализиран пазар веќе десетина години бара не само регулаторот, туку и приватните поштенски оператори. Во 2019 година, од Македонска пошта истакнаа дека е неминовно продолжување на ексклузивното право за обезбедување на резервираните поштенски услуги, бидејќи не се создадени услови на пазарот за поштенски услуги, а целосната либерализација препорачана со третата директива – 2008/06/ЕС е обврзувачка за земјите членки на ЕУ.
Ваков модел во поштенското работење имаа и другите држави од регионот, вклучително и Хрватска, каде што либерализацијата настапи со полноправното членство. Во таква позиција е и Србија, која исто така не е членка на ЕУ.
Либерализацијата на поштенскиот пазар за пратки над 50 грама кај нас се спроведе со Законот за поштенските услуги од 2010 година. Резервираните поштенски услуги опфаќаат прием, пренос и врачување пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) и пратки на директна пошта до 50 грама. Ексклузивитетот за резервираната поштенска услуга се однесува на цената, но тоа не ги исклучува останатите оператори на поштенскиот пазар во извршување на овие услуги. Тие имаат право да ја извршуваат и резервираната поштенска услуга, но со цена најмалку два и пол пати повисока од цената од давателот на универзална услуга. Компаниите што работат во секторот поштенски услуги, очекуваат и веруваат дека ќе се случи најавената либерализацијa и поради сериозните забелешки во извештаите на ЕУ за монополизација на поштенскиот пазар. Експертите одамна се на ставот дека целосната либерализација може да придонесе за повисок квалитет на услугите, поголема конкуренција, трансформација на националниот поштенски оператор и преструктуирање на приходното портфолио, кое во целост зависи од традиционалните поштенски услуги.
Во изминатите 12 години, Поштата не успеа да го искористи монополот со ,,резервираната услуга“ за да обезбеди одржлива стабилност. И последното одложување требаше да се искористи за унапредување на услугите, но се случи пандемијата.
– Во овој период, друштвото се соочи со голем пад, како на поштенските така и на финансиските услуги. Сето ова ја оневозможи имплементацијата на предвидените плански активности за 2020 година. Сепак, се спроведуваше Твининг-проектот со поддршка на Делегацијата на ЕУ, кој се однесува на унапредување на капацитетите на Агенцијата за пошти како главен корисник и истовремено на Министерството за транспорт и врски и Пошта на Северна Македонија. Благодарение на Проектот и вклученоста на стручните служби од компанијата, знаеме кои чекори треба да се преземат за да се либерализира пазарот, вклучувајќи ја модернизацијата на поштенскиот сектор, прифатливи цени и задоволни корисници. Поштата е местото од каде што треба да почнат процесите, така што сега е вистинското време да се насочиме кон модернизација во своето работење – изјави во интервју за „Слободен печат“, генералниот директор Ејуп Рустеми.
Во првата половина од годината Друштвото има загуба од 52,5 милиони денари или повеќе од 850 илјади евра, а дополнително ги погоди затворањето на Еуростандард банка.
Во 2018 година повеќе од 39 милиони поштенски пратки
Според статистичките податоци на Агенцијата за пошти во извештајот за 2018 година, бројот на вработени во поштенскиот сектор кај сите даватели на поштенски услуги изнесува 2.971 лица, од кои 2.141 се вработени во Пошта на Северна Македонија, а останатите 830 во компаниите на останатите даватели на поштенски услуги. Бројот на вработени во Пошта на Северна Македонија во 2018 година е намален во однос на претходната година за 4,6 проценти, додека бројот на вработени кај останатите даватели на поштенски услуги е намален за 0,7 проценти.
Обемот на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија во 2018 година изнесувал повеќе од 39 милиони поштенски пратки. Поштенската мрежа на АД Македонска пошта – Скопје е составена од 334 поштенски единици. Заклучно со 2018 година на пазарот на поштенските услуги работеле вкупно 35 даватели на поштенски услуги.


