ЌЕ Ѝ СЛУЖАТ на татковината: Доброволно пријавени 108 граѓани кои ќе отслужуваат воен рок
Во Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Демниевски Бауман”, во Велес, денеска се одржа свечена заклетва на која 108 граѓани се обврзаа да и служат на татковината. На свеченоста присуствуваа, началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик министерот за одбрана Беким Максути, државнииот секретар Драган Николиќ, претставници од Армијата и Министерството, претставници од локалната самоуправа, родители, роднини и пријатели на војниците.
На свеченоста се обрати заменик министерот Максути кој на војниците меѓу кои има и 10 жени, им ја честита свечено дадената заклетва и им порача дека самиот чин на доброволното пријавување за служба во Армијата е чин кој заслужува почит и поддршка од секого. Притоа истакна дека за време на отслужувањето на тримесечниот период Министерството и Армијата ќе овозможат војниците да ја засакаат уште повеќе воената професија и да ја продолжат својата кариера во редовите на Армијата.
-Нашата Армија е препознатлива по својата разноликост и токму затоа во неа има претставници од различна етничка и верска припадност. Особено ме радува фактот што од година во година бројот на жени во Армијата се зголемува со што се покажува дека оваа професија не препознава пол- истакна Максути.
Тој додаде дека со реализација на оваа обука им се отвара можност да станат дел од професионалните војници на нашата Армија и таму да ја градат својата кариера полна со предизвици, достигнувања на личен и професионален план, кариера со голем број можности за обука тренинг и наобразба.
-Вие сте нашите идни бранители, нашите идни чувари на територијалниот суверенитет и интегритет, на нашата сувереност и наши идни амбасадори на мирот во меѓународните операции – рече Максути
Обуката на војниците на доброволно служење воен рок се реализира во период од три месеци во Центарот за индивидуална обука, кој е во рамките на Командата за обука и доктрини на Армијата на Северна Република Македонија.