Катица со фризура и маникирани нокти на суд: Што сѐ е дозволено во куќен притвор?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, денеска, за разлика од Боки 13, изненади со својот изглед. Таа беше скоцкана од глава до пети, со тазе фенирана коса и тазе средени нокти. Според коментарите на социјалните мрежи, Јанева изгледа исто како на времето кога ја гледавме на прес конференциите на СЈО. Оттука се наметнува прашањето, дошол ли некој стилист кај Јанева која е во домашен притвор, да ја среди за денешното прво рочиште за случајот „Рекет“?

За тоа што се им е дозволено на притворениците во домашен притвор и дали тој е ист како со затворскиот, разговаравме со адвокатот Мирослав Вујиќ. Според него, нема ништо чудно ако кај неа имало некој да ја „потсреди“ пред денешното судење.

– Во случајот со Јанева, можам да кажам дека таа може слободно да комуницира со надворешниот свет, да и доаѓаат гости и слично, но никако не смее да го напушти домот. Тоа е затоа што против неа веќе е започнат судски процес, обвинението е затворено и во никој случај не може да влијае на истрагата – вели адвокатот Вујиќ.

Во решението со кое се определува куќен притвор, покрај забраната за оддалечување од домот или од друг простор, судот може да определи забрана за комуникација со лица или забрана за употреба на средствата за комуникација, а исто така може да бидат употребени и посебни ПИ-мерки за следење на разговорите.

– Во решението од судот е предвидено што им е дозволено на лицата кои се во домашен притвор. Има некои каде што освен што ја издржуваат оваа мерка им се забранува и комуникација со надворешниот свет, поточно посета од други лица и телефонски и секаков вид разговор. Доколку тоа не е предвидено во решението, тогаш тие си седат дома и нема никаков проблем кој сака да ги посетува и да разговараат со секого – потенцира тој.

Ако лицето против кое е определен куќниот притвор се оддалечи од домот или од друг простор спротивно на забраната на судот, или во определено време не се врати во домот или другиот определен простор, или не се придржува на забраната за комуникација со лицата или забраната за употреба на средствата за комуникација или го избегнува или попречува спроведувањето на мерките на видео и електронски надзор, против тоа лице ќе се одреди притвор. Лицето за тоа ќе се опомене со решението за куќен притвор.

– Лицата кои се во домашен притвор во никој случај не смеаат да го напуштат домот, сепак дозволено им е да излезат во двор, доколку го имаат или ако се во стан да ја користат терасата. Единствено судот може да одреди напуштање на просторот доколку е потребно лекување на лицето или доколку има посебни околности од кои може да настанат штетни последици по животот, здравјето или имотот на лицето или неговите блиски – додава Вујиќ.

Судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да го довери на полицијата, определувајќи го и начинот на неговото извршување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот