Карпош ќе ги отпишува од градинка сите деца што не се од општината, родителите велат: Срамен чин

Фото: Архива

Група родители кои не се жители на општина Карпош, а чии деца одат во градинки во оваа општина, добиле известување дека децата ќе бидат отпишани на 10 јуни. Родителите ова го нарекуваат „срамен чин“ и бараат од општината да им излезе во пресрет и да покаже солидарност во време на криза.

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, уште пред неколку месеци најави дека градинките во општината ќе останат отворени само за нејзините жители.

„Денес, 10.05.2022, преку воспитувачките од градинките добивме известување дека сите деца чиј родители немаат адреса по лична карта од општина Карпош, ќе бидат испишани од градинката на 10.06.2022. Во услови на светска криза каде секое семејство е соочено со предизвиците на инфлација, општина Карпош им врти грб на една од најранливите категории на семејства, млади родители кои во борбата за егзистенција а во отсуство на достапни места во градинките во своите општини побарале спас запишувајќи ги своите деца во дел од градинките на оваа општина“, велат родителите во писмо испратено до медиумите.

„Ние како загрижени родители повикуваме на солидарност од страна на општината која досега излегла во пресрет на многу наши сограѓани. Верувајте ние не би ги носеле нашите деца по неколку километри во градинките на општина Карпош доколку не би биле принудени од недоволниот број на слободни места во општините во кои живееме. Воедно би сакале да испратиме апел до Владата да преку Министерството за образование реагира и најде решение за овој проблем на неколкуте стотици семејства затечени од оваа одлука“, се вели во писмото.

Во услови на светска криза, каде државите членки на Европската Унија преку мерки се обидуваат да им помогнат на своите граѓани, ние се соочуваме со ситуација каде поради една избрзана одлука егзистенцијата на многу семејства се става во ризик, велат родителите.

„При носење на оваа срамна одлука избраните од народот советници забораваат кој највеќе ќе биде затечен од оваа одлука, а тоа се децата наши. Сите ние знаеме колкав предизвик е, и колку е болно едно дете да се одвои од родителот и да се навикне на нова средина како што градинката, нашите деца го поминаа тој пат за да сега бидат буквално оставени на милост и немилост на еден систем кој се надеваме ќе профункционира конечно за интересот на граѓаните. Доколку истиот тој систем не остави на цедило, тоа ќе биде срамен чин пред се за оваа општина но и за Владата на една земја претендент да стане членка на Европска унија. Размислете драги наши сограѓани, членови на совет на општина Карпош, каква порака испраќате до сите оние млади брачни парови кои сакаат да започнат свое семејство, нека размислат и Премиерот и Владата каква порака се праќа до младите брачни парови кои се иднината на оваа наша земја“, се вели во писмото потпишано од „загрижени родители“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот