Каракамишева и Османи во Фејсбук војна: Што точно препорача Венецијанската комисија?

Професорката Тања Каракамишева е член на Венецијанската комисија, а Бујар Османи вицепремиер за европски прашања кој пред Венецијанската комисија го бранеше законското решение за проширената употреба на албанскиот јазик. И двајцата „влегоа во војна“ за тоа што точно препорачала Венецијанската комисија.

Каракамишева на својот Фејсбук профил напиша дека Османи сакал да ги изманипулира експертите од Венецијанската комсија и дека во препораките нема ништо за банкнотите за кои вицепремиерот Бујар Османи веќе два дена ги посочува како најголем аргумент зошто Законот треба да остане онаков каков што е.

„Во своето обраќање пред Венецијанската комисија, Бујар постојано го нагласуваше Рамковниот договор и Уставот. Сакаше да ги изманипулира експертите дека владата бара само примена на Охридскиот рамковен договор и на Уставот во законот. Секако, намерно заборави да каже дека законот е СПРОТИВЕН И НА Охридскиот договор и на Уставот! Да не дозволиме да бидеме манипулирани поради незнаење“, напиша Каракамишева.

Таа, во врска со изјавите на Османи за банкнотите, напиша и втор фејсбук статус.

„Во мислењето на Венецијанската комисија е прецизно напишано дека НЕМА СТАНДАРДИ за овие прашања. На секој паметен му е јасно што тоа значи. Не можат да се оценуваат решенија кои не се меѓународен стандард. Измислени решенија и каприци на некои искомплексирани политичари не се предмет на анализа. Компаративната анализа е ставена со цел Владата да добие уште еден дипломатски чевел по ….. . Македонија е унитарна република!“, напиша Каракамишева на Фејсбук.

И вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пред да го аргументира Законот за јазици пред Венецијанската комисија, на својот фејсбук профил објави дека постоеле земји во светот кои практикувале двојазнични банкноти и униформи на армијата.

„Тврдам дека употребата на банкнотите и воените униформи е практика во некои земји ширум светот и е здрава и за нашата земја. Аргументите за потребата од законот, конкретните одредби и неговото спроведување се направени во координација со локални и регионални експерти“, напиша Османи.

Тој уште додаде дека е разочаран од настапот на професорката Тања Каракамишева која имала негативно мислење во своето обраќање пред Поткомитетот за национални малцинства и фундаментални права.

„Почитување за досегашната соработка и работата на Комисијата, но разочарување за деструктивната позиција и улогата на претставникот на Северна Македонија во Венецијанската комисија!“, напиша Османи.

Османи и во изјави за медиумите тврди дека Венецијанската комисија посочила дека:

„Има потешкотии во судството поради немање капацитети, но вели – да, можете да употребите двојазичност во банкнотите. И не можете Вие да отворите дебата за судството, а да не отворите дебата за банкнотите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот