Кантри ѕвезда и добитничка на Греми: Пејачката Кери Андервуд ќе пее на инаугурацијата на Доналд Трамп
Кантри пејачката Кери Андервуд ќе ја изведе песната „America the Beautiful“ на инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, на 20 јануари, објави „Ројтерс“.
Препорачано
„Ги сакам САД и почестена сум што ме повикаа да пејам на инаугурацијата и да бидам мал дел од тоа историско случување“, изјави Андервуд, која во текот на својата кариера се држеше подалеку од политичките случувања.
„Чест ми е што можам да одговорам на повикот во време кога сите мораме да се собереме во духот на единството и гледањето во иднината“, додаде таа.
Музичката ѕвезда, која ја има освоено престижната музичка награда Греми, ја започна својата кариера со победата во натпреварувањето „Американски идол“ во 2005 година.
Да потсетиме, републиканскиот поранешен претседател Доналд Трамп ја победи потпретседателката Камала Харис на изборите на 5 ноември минатата година.
Уметниците како Бијонсе и Селин Дион побараа од Трамп да престане да ги користи нивните песни пред изборите во 2024 година. Претходно, пред осум години, Нил Јанг и „Ганс енд Роузес“ беа меѓу уметниците кои побараа од него да престане да ја користи нивната музика.
Меѓу другите, Трамп ја доби поддршката и од раперот Вејк Флок Флејм и од кантри пејачот Кид Рок.


