Кандидатот за канцелар на Германија, Лашет е разрешен од функцијата покраински премиер

Армин Лашет / Фото: MICHAEL KAPPELER / AFP / Profimedia

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидат на демохристијаните за канцелар на Германија Армин Лашет денеска е разрешен од функцијата премиер на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, со цел да се фокусира на неговиот парламентарен мандат во Бундестагот.

– Ми беше голема чест да креирам политика во последните четири години што ја одведе напред Северна Рајна-Вестфалија, рече Лашет по церемонијата на примопредавање на премиерската функција на најнаселената германска федерална покраина.

Тој нагласи дека од преземањето на функцијата, откако ЦДУ победи на покраинските избори во 2017 година, најважно му било да биде „премиер на сите граѓани”.

Минатиот викенд, покраинскиот огранок на ЦДУ го предложи актуелниот министер за транспорт на оваа федерална покраина, Хендрик Вуест, за нов премиер. Тој треба да биде избран на вонредна седница во среда.

Како што беше најавено пред сојузните парламентарни избори, на кои Лашет како канцелариски кандидат на ЦДУ загуби од социјалдемократите и кандидатот Олаф Шолц, Лашет се повлекува од функцијата премиер на покраината затоа што сака да се фокусира на своето пратеничко место во Бундестагот.

Според Уставот на Северна Рајна-Вестфалија, член на Бундестагот во исто време не може да биде член на покраинската влада.

Сè уште не се знае дали Лашет ќе остане на чело на ЦДУ по поразот на изборите. Тој самиот најави дека „нема да застане на патот на обновата на партијата”.

Конститутивната седница на 20-от состав на Бундестагот е закажана за утре.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот