Канада се мобилизира за да се одбрани од азилантски бран од Америка

Канадската полиција ќе ги засили пограничните патроли - Фотографија ЕПА, Бен Расел

Канада веќе се соочува со рекорден број имигранти, поради што Отава реши да ги намали годишните квоти за доделување дозволи за престој

Канадската полиција не очекува итни проблеми, но сепак се подготвува за „најлошото можно сценарио“ ако на границите со САД притиснат азиланти уплашени или загрозени од победата на Доналд Трамп на претседателските избори.

Канада веќе се соочува со рекорден број имигранти, поради што Отава реши да ги намали годишните квоти за доделување дозволи за престој.

Трамп во кампањата најавуваше дека ако стане претседател ќе ја спроведе најмасовната депортација на нелегални мигранти во историјата на САД. Веќе на првите изјави во таква насока, канадските служби за безбедност реагирале со соодветни планови.

– Уште пред неколку месеци знаевме дека мораме да подготвиме план, бидејќи ако тој дојде на власт, а ќе дојде за неколку месеци, може да поттикне бран илегална и нерегуларна миграција кон провинцијата Квебек и општо во Канада – изјави за Ројтерс наредникот Шарл Поаре од Кралската коњичка полиција.

Најлошото сценарио, според него, би било голем број луѓе да влегуваат насекаде на канадска територија.

– Да речеме дека имаме по сто луѓе на ден што преминуваат преку границата, ќе биде тешко, бидејќи нашите офицери ќе мора да покриваат големи растојанија за да ги приведат сите – вели наредникот.

Кога Трамп го почна првиот мандат, во јануари 2017 година, илјадници азиланти од Америка преминаа во Канада преку регуларни гранични премини за да побараат азил како бегалци. Повеќето од нив го оптовариле Роксам роуд, каде што се граничат сојузните држави Њујорк и Квебек. Канада и САД сега го проширија билатералниот договор, што значи дека азилантите што ќе се обидат да ја преминат границата било каде по должината од 8.891 километар ќе бидат вратени назад.

За да стекнат право да побараат азил во Канада, нелегалните мигранти би морале незабележани да ја поминат границата и да се кријат најмалку две недели. Активистите за заштита на правата на мигрантите тврдат дека тоа е тешко изводливо и многу опасно, но и дека луѓе веќе го прават тоа.

– Ако не создадете легитимни патеки или кога ќе создадете само патеки по кои е невозможно да се гарантира безбедност на луѓето, знаете, за жал, луѓето ќе се обидат да го направат невозможното – вели Абдула Дауд, директор на Центарот за бегалци во Монтреал.

Наредникот Поаре вели дека канадската полиција е спремна да ангажира поголеми капацитети за патрола по граничната линија, што би можело да значи активирање на уште стотици офицери, но и изнајмување автобуси и имоти.

– Сите очи сега се вперени кон границата. Ние сме под тревога и ќе останеме под тревога и во неделите пред нас – вели Поаре за Ројтерс.

Во јули во Канада бегалски азил побарале речиси 20.000 луѓе, што е историски рекорд. Во септември бранот стивнал на 16.400 азиланти, но канадските власти веќе обработуваат повеќе од 250.000 барања за азил.

Властите во Отава прецизно го ограничуваат бројот на дозволи за привремен и постојан престој, но немаат никаква контрола врз бројот на азилантите.

– Изборот на Трамп ќе ја погоди Канада. Ќе видиме повеќе луѓе преку границите, како се појавуваат по градовите и бараат помош – вели Лоли Роко од Центар за бегалци во Торонто.

Таа особено стравува од тешки последици во текот на зимата, потсетувајќи дека во 2022 година четиричлено семејство починало од студ во обид да ја преминат границата близу Емерсон во Манитоба.

Министерот за имиграција Марк Милер вели дека владата во Отава „има план“ како да се справи со бран азиланти, но не објаснува детали.

– Одделението за мигранти ќе продолжи да се подготвува и да ги разгледува сите можни сценарија и пристапот ќе биде во интерес на Канада и на нејзините жители – соопшти канцеларијата на Милер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот