Како сме (не)информирани за конфликтот на северот на Косово
Кои се луѓето кои изминатиот викенд во ноќта меѓу саботата и неделата го блокираа мостот кон Бањска. Кој ги предводел, кој ги наоружал и интруирал, која беше нивната цел, како избегаа во централна Србија, кој беше хоспитализиран во Нови Пазар, дали некој се лекува во Поликлиниката ВМА, дали го има Милан Радоичиќ на видеото што го објави косовскиот министер за полиција, но и дали во целиот случај биле вклучени српските власти и српскиот претседател Александар Вучиќ и во колкава мера. Има ли вмешаност на српските безбедносните структури околу настанот но и дали во конфликтот биле вклучени и странски служби – сето тоа се прашања на кои сè уште немаме целосни одговори.
Факт е дека во првиот отворен вооружен конфликт меѓу Србите и Албанците по погромот во 2004 година, загинаа еден косовски полицаец и тројца Срби, а престрелката почна во селото Бањска ноќта меѓу саботата и неделата, околу 2:30 часот, кога Србите со камиони го блокирале мостот кој води кон центарот на селото.
Кога пристигнала косовската полиција, Србите почнале да пукаат и го убиле полицаецот. Престрелката продолжила и во текот на денот, кога од Рашко-призренската епархија беше соопштено дека група вооружени маскирани лица со оклопно возило упаднале во манастирот при што ја пробиле заклучената манастирска капија. По судирот со косовските сили, групата Срби го напуштила манастирот, а од Приштина беше соопштено дека некои од напаѓачите се уапсени.
Во централна Србија – медиумска магла
Првата информација за настанот јавноста ја доби од обраќањето на косовските функционери Албин Курти и Вјоса Османи, кои соопштија дека еден косовски полицаец е убиен, а друг е ранет во напад во селото Бањска, веднаш оценувајќи дека се работи за терористички напад. и организиран криминал со помош од Белград, по што следеа официјални соопштенија од косовските институции.
За тоа време, во централна Србија – медиумска магла. Радио телевизија Србија и телевизиите со национална фреквенција беа видно тивки, немаше вклучувања во живо, специјални емисии или коментари на аналитичари.
Порталите штуро ја пренесоа веста дека е убиен косовски полицаец, дека се блокирани премините Јариње и Брњак, дека на северот на Косово и Метохија расте тензијата. Веста дека на северот на Косово дошло до вооружен конфликт меѓу Србите и Албанците и дека е убиен албански полицаец, ја прокоментира само претседателот на Собранието Владимир Орлиќ, кој случајно беше гостин на една телевизија со национална фреквенција и накратко рече дека насилството и отворената ескалација му одговараат само на Албин Курти.
Околу пладне се огласи Рашко-призренската епархија, која во соппштението наведе дека група вооружени маскирани лица со оклопно возило упаднале во манастирот Бањска, како и дека најостро го осудуваат најновиот напад што се случи на северот на Косово, изразувајќи сочувство до семејството на загинатиот полицаец.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, прво најави прес конференција за 14 часот, а па набрзо ја откажа, наведувајќи дека попладне пред јавноста ќе се обрати претседателот Александар Вучиќ.
Во меѓувреме се огласија Кфор, Еулекс, амбасадорите на НАТО петорката за носење одлуки (САД, Франција, Германија, Италија и Британија), Мирослав Лајчак, Јосеп Борел, Оливер Вархељи, Еди Рама… но сѐ уште не се знае кои се напаѓачите кои учествувале во судирот со косовската полиција и зошто дошло до конфликтот.
Тоа не беше јасно ниту откако косовската полиција околу 15:30 часот соопшти дека е убиен еден од напаѓачите, кого веќе го окарактеризираа како терорист, а уште двајца напаѓачи се ликвидирани.
Околу 19 часот Рашко-призренската епархија соопшти дека состојбата во манастирот е мирна и дека вооружените лица не се таму, а медиумите објавија дека уапсените во Бањска се приведени во полициската станица во јужна Митровица. Дури во 20 часот на јавноста ѝ се обрати претседателот на државата Александар Вучиќ, кој рече дека во конфликтот загинале тројца косовски Срби, дека српската војска и полиција не учествувале во нападот, но дека Србите се побуниле бидејќи не сакале веќе да го трпат теророт на Курти.
Почуча, Бихали, Вагнер, Милан Радоичиќ
Вистинскиот идентитет на убиените Срби прво беше објавен на социјалните мрежи, а го пренесоа и некои медиуми, но нивните имиња прв официјално ги соопшти претседателот Александар Вучиќ во обраќање на РТС на 27 септември.
Во текот на сите овие денови, на социјалните мрежи и порталите кружеа многу информации – од тоа дека на Косово и Метохија се убиени Радомир Почуча и Павле Бихали, дека во инцидентот учествувале припадници на движењето Образ и руски Вагнер, дека вооружените лица држеле верници и монаси во манастирот Бањска. Манастирот Високи Дечани во понеделникот предупреди за низа дезинформации и лажни вести кои се шират по конфликтот, особено во косовските медиуми, порачувајќи дека злонамерните напади и ширењето лажни информации не придонесуваат за мир, туку само ги зголемуваат меѓуетничките тензии на Косово и Метохија.
На социјалните мрежи, но и во медиумите се нагаѓаше колку напаѓачи се убиени – медиумите објавија дека загинал и четвртиот напаѓач, што не беше точно, додека некои профили на социјалните мрежи објавија дека има и до десет жртви.
На мрежите се нагаѓаше и кои се убиените, па имаше и објави дека меѓу убиените се и Радомир Почуча, поранешен проруски новинар, како и лидерот на десничарското движење Левијатан, Павле Бихали.
На социјалните мрежи кружеа информации и дека напаѓачите имале поддршка од руската платеничка група Вагнер.
Нова причина за сомневање во вистинитоста на објавените информации даде министерот за полиција Џелал Свечља, кој за нападот директно го обвини контроверзниот бизнисмен и потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, наведувајќи дека неговите документи се најдени на местото на настанот, како карти и планови за напад на полицијата.
Свечља објави и видео од Бањскиот манастир на кое, како што тврди, се гледа вооружениот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ.
Автентичноста на тоа видео не може да се утврди
Претседателот Александар Вучиќ ниту демантира ниту потврди дека на видеото е Радоичиќ, а министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ тврди дека на видеото се гледа снег и затоа не може да биде автентично. На интернет се појави видео од дрон на кое се гледа како луѓето се повлекуваат од манастирот преку ридот.
Во меѓувреме, конфузни беа и податоците кои доаѓаат од Косовското обвинителство за бројот на уапсени, па извесен период не беше јасно колкумина се уапсени, а колкумина се пуштени од притвор. Голема конфузија имаше и околу тоа кој е во болницата во Нови Пазар – медицинската установа во централна Србија која е најблиску до местото каде што се случи конфликтот.
Новинарите не успеаја да добијат официјална информација за тоа дали и колку лица се лекуваат во таа установа и какви се нивните повреди, но вести стигнаа и преку други канали, што не е вообичаено за таа болница. Медиумите објавија дека пред болницата во Нови Пазар имало видливо присуство на полицајци кои два дена подоцна не биле таму. Друга непроверена информација што ја пренесе Свечља е дека Радоичиќ е повреден и се лекува во ВМА, но претседателот Вучиќ ја демантира.
Сè уште не е јасно што се случило
Борбата со дезинформации, полуинформации и лажни вести не е нетипична за односите меѓу Белград и Приштина, но по последниот конфликт со фатални исходи стана многу забележлива.
На граѓаните во централна Србија и Косово сè уште не им е јасно што всушност се случило, поради што, но и како ќе заврши ова – дали пушката веќе пукнала или ова е само првиот чин од новата драма што се пишува.
Извор: Demostat