Како да се изгради тоа што ни треба – регионален клинички центар

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Не смееме да ја направиме истата грешка од пред 20 години кога ги продадовме рафинеријата, Tелеком и ЕВН за околу една милијарда евра, а да прашате кај отидоа парите, никој нема да ви каже точно. А точното е дека една милијарда од стопанството ја изеде нестопанството. Не смееме да дозволиме и парите од Државна болница да ги изеде нестопанството, туку тие да одат од болница за – болница.

Хаотичниот развој на Скопје по земјотресот од 1963 година направи од град со 180.000 сега да стигне до 700.000 жители. И, јасно, повеќето институции кои му служеа на градот пред земјотресот сега се задушени во хаотичното градење. Ние ги менувавме дуповите по региони по потреба на олигарсите за нивни потреби, а не за потребите на граѓаните и на функцијата на градот. Ваков пристап доведе до задушување на градот. Во 2005 година кога јас работев физибилити за развојните потреби на градот Скопје го разработив паркирањето во Државната болница и се запознав со проблематиката. Ланската година бев на лекување во болницата и дојдов до сознание дека тоа не е болница, ами паркинг-гаража, зашто внатре имаше повеќе коли од болни луѓе.

Политичарите нѐ бомбардираат со големи изборни ветувања: ваков клинички центар ќе направиме во постојната болница, другите предлагаат не таков – ами ваков клинички центар во Ѓорче Петров итн. Не ги слушнавме планерите што тие планираат, односно каде, каков, со каква намена и колку ќе чини ваков клинички центар?

За да им стане јасно на сите граѓани каков, каде и колку ќе чини ваков клинички центар, ќе им ја презентирам мојата визија, па можеби ќе помогнам во решавањето на овој проблем. Поаѓајќи од состојбата дека Македонија е клуч за стабилност во регионот, таа мора да порасне и во следните 50 години да биде главен економски фактор за регионот. Македонија со своите два милиона жители е многу мал пазар за каков било развој, затоа јас гледам на регионот – Ниш, Софија, Солун, Косово, Албанија, Црна Гора и Санџак – како на пазар од 15 милиони, што е интересна големина за бизнис. Третирајќи го регионот од аспект на пазар би требало и регионално решение за покривање со врвни здравствени услуги преку еден РЕГИОНАЛЕН МЕДИЦИНСКИ ЦЕНТАР. Ако во поранешна Југославија ВМА беше врвен центар за цела држава, зошто ние не би направиле таков центар за регионот? Неговото градење ќе чини над 800 милиони евра и ќе се гради 5-6 години. За ваков регионален центар, според мое согледување, планот треба да изгледа вака:

Локацијата да има доволна површина за сите потреби на сегашните клиники и за развој во следните 50 години. Да е ослободен од градскиот сообраќаен метеж и гасови. Да има поволна ружа на ветровите заради благо проветрување. Да биде на периферија на градот заради пристап од западната, источната и од косовската страна. Да има простор за хелиодром и можности за слетување на крововите на клиниките. Да има независен и резервен систем за снабдување со вода, струја (мини централа), Интернет и друго.

Во ваков регионален медицински центар би имало објекти за најмалку 10 клиники и простор за уште пет, како и за истражувачки институти. Клиниките ќе треба да се поврзани со воздушни топли мостови. Да има управна зграда. Тука да биде Медицинскиот факултет со студентски дом. Во комплексот треба да бидат изградени и три хотели – за стажанти, за доктори на специјализација и за ноќни смени на лекари, еден придружен хотел за продолжена нега на пациенти и еден хотел за посетители на пациентите. Околу комплексот би се изградиле три катни гаражи со по 500 места за паркирање.

Регионалниот клинички центар ќе претставува мал град во кој ќе бидат вработени повеќе од 5.000 илјади лекари, сестри и персонал. Ќе претставува една целина со визуелен информативен центар, внатрешна електрична и такси-служба, полициска станица, банки, продавници, ресторани, цвеќарници, јавни тоалети… Сите патеки за шетање ќе бидат покриени, внатрешните патишта направени со гумизиран асфалт итн.

За изградба на ваков комплекс со вакви развојни можности е најпогодна локацијата зад Американската амбасада, односно кај касарните и целиот простор зад нив. Тоа е општествено земјиште и мислам дека ги исполнува бараните услови за ваков клинички центар. На политичарите е да водат политика, на бизнисмените да водат бизнис, па јас би го предложил и бизнис-планот. Бидејќи буџетот на Северна Македонија не е во состојба за непроизводен погон да најде и да вложи вакви пари (800 милиони), тогаш предлагам локацијата на Државна болница, која е една од најголемите и најатрактивните, да се продаде за изградба на станови. Да се урбанизира и да се продава на почек. Тоа значи сега ја купувате, а по три години ја добивате во владение. Сметам дека ќе ја продадеме за околу 400 милиона евра, а тоа е 50 отсто од инвестицијата за регионален клинички центар. Другите пари ќе бидат од кредити. Не смееме да ја направиме истата грешка од пред 20 години кога ги продадовме рафинеријата, телеком и ЕВН за околу една милијарда евра, а да прашате кај отидоа парите, никој нема да ви каже точно. А точното е дека една милијарда од стопанството ја изеде нестопанството. Не смееме да дозволиме и парите од Државна болница да ги изеде нестопанството, туку тие да одат од болница за – болница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот