Како да се биде среќен и слободен во корона-кризата: Разговор со Марија Грујиќ Бепа, учител за животни вештини

Како луѓето живееа пред пандемијата, тоа е за мене апсолутна неслобода. Го правеа тоа што сите го правеа. Одеа таму каде што сите одеа. И го купуваа истото што сите го купиле. Работи ден и ноќ. Кукај на понеделник. Купувај. Патувај. Фотографирај. Уште. И одново. Тоа не е слобода, туку робија.

На големо задоволство соговорничка во „Слободен печат“ ни е тренерот за личен и организациски развој  Марија Грујиќ – Бепа, авторка, писателка, учителка за животни вештини, трансформаторка на раните во дарови. Жена инспирација, мотивација, активација, трансформација, импулс. Пријателка на душата. Нинџа. Математичарка, менторка, говорник, преформер, велосипедиста, пливач, танчерка, јогин, трагач, читателка. Виртуоз на секојдневницата.

Друштво во разговорот со Бепа ми прави уметницата Александра Иванова.

Александра Иванова, уметница, прашува: Имате оригинален пристап на начинот на пренесување знаења, а исто така, и самиот систем е автентичен и Ваш, произлезен од стекнатите знаења и искуства. Како станавте „лајф коуч“ (тренер за личен развој) и како дојдовте до свој систем и методика на пренос на вештини?

– Животен учител се станува така што се живее животот. Така што се тргнува по својот пат. Дури и ако за цел свет тој пат изгледа опасен. Иако во тоа никој нема да ве поддржи. Од системите во кои живеев, и што е најважно од математиката, за која цел живот се подготвував, излегов пред четвртина век. Беше тоа во 90-те години. Во времето на санкциите, војните и бомбардирањата. Без Интернет. Без литература за самопомош. Имав тогаш 27 години.  Трагав и балансирав, се губев и се пронаоѓав, и не се откажував од потрагата за себе. И за знаењата кои можат да ми помогнат да се живеам себеси. Марија на својот пат…, првпат тие зборови си ги изговорив во 2004 година. А јасноста за својот пат ја добив во 2012. Сè  корисно, интересно, паметно и духовито што слушнав, видов и доживеав во текот на тие 16 години трагање, ги запишав во својата тетратка Ех, ова некогаш да го знаев. И од тие томови на таа тетратка настана мојот опус. Живо знаење. Настана од вистинскиот живот. Од заокруженото трагање. И во него се вткаени сите знаења и вештини кои можат тој пат да ни го олеснат. Или да ни го разубават. Од телесната пракса, исхраната, начин на размислување, древните принципи на Истокот, боречките вештини, јогата, танцот, медитацијата, преку западните принципи на таканареченото стратешко и проектно планирање, невронауката, теоријата на успехот, балканизирани и подредени во еден систем. И се разбира, централната потка е математиката, зашто тоа е мојот начин на кој го чувствувам и го разбирам животот. Додека не е во мускулите – знаењето е чиста гласина. Моја е секојдневната изговорена идеја. Сите ние „знаеме“ но не го живееме тоа што го „знаеме“. Тој процес од „знаење“ во главата – до „имање“ во мускулите. Тоа го правам. Холистички.

Предизвикувачките времиња од нас бараат да бидеме нешто повеќе. Баш како и ова чудно време што бара од нас нешто чудно. Ново. Нешто што долго не сме го правеле. Некои никогаш. Да влеземе во себе.

Може ли да се биде среќен во овој чуден период на изолација и застрашувачки вести, и како?

– Многумина веруваат дека животот е последица и прост збир на настани кои ни се случуваат. Јас верувам дека нашиот живот не го прават настаните, туку начинот на кои се однесуваме со нив. Како сме ги превеле на доживувањата. И што со нив сме направиле. Се разбира дека надворешните услови и „настани“ влијаат на нас. Сепак, преводот е наш. И последичната реакција, односно одговорот. Верувам дека многу читатели се сеќаваат на филмот „Животот е убав“. Зашто животот може да биде убав и во концентрационен логор, на што одамна ни укажа Виктор Франкл, кој трагаше и ја наоѓаше смислата на животот во концентрациониот логор. Исто како што знаеме дека животот не мора нужно да биде убав на егзотичните лежалки, за кои многумина сонуваат. Тоа се митови за среќа кои ни ги продаде конзумеристичкото општество. И далеку се од вистината. Рајот не е конфекциска роба, нити скапа фирмирана роба. И не се наоѓа готов. Рајот е рачна работа. Која секој за себе мора да си ја направи. Животот е дар на природата. А убавиот живот е дар на мудроста. За тоа знаеше и Аристотел.

Како да се биде среќен во овие чудни времиња? Во добро е полесно да се биде добро. Предизвикувачките времиња од нас бараат да бидеме нешто повеќе. Баш како и ова чудно време што бара од нас нешто чудно. Ново. Нешто што долго не сме го правеле. Некои никогаш. Да влеземе во себе. Не би сакала да давам универзални одговори на тоа како да се биде среќен. Денешното време го повикува секој од нас да ја осмисли својата среќа. Можам да ви кажам како јас ја ткаам својата среќа. Визијата и секојдневното прогресивно движење на мојот пат е мој концепт на среќата. Мене среќата ми ја прават свесноста и благодарноста за тоа што го имам. И од таа точка се фокусирам на тоа што го посакувам. Потребно ми е чувство на насочување и напредување, колку и тој пат да изгледа мал. Тоа чувство дека секојдневно барем малку напредувам. И дека денешниот ден не сум го потрошила. На почетокот на март го започнав својот роман за кој долго се подготвував. И така, тој сега го добива целото мое внимание. Визијата е мојот имунитет, и мое исполнување.

Зборувате доста за слободата, можеме ли да бидеме слободни меѓу четирите ѕида? Што е за вас слобода?  

– Пред да почнам да зборувам за слободата, би го освестила сегашниот момент кој планетарно не повикува на влегување во себе. Во своите романи. И во својот дом. Па така, и слободата за која сега зборувам ќе добие некоја нова одежда. Можеби како слобода во неслобода. За мене слобода е да можам да се изразам. Да се живеам себе. И да можам да се движам на својот пат. А друга слобода ми е да не бидам роб на самата себе. Нити роб на својот пат. Да имам повеќе различни начини да ја живеам својата слобода. И тоа е она со кое на работилниците се бавиме. Правење многу начини да бидеме слободни. Тоа е слобода. Слободата ја доживувам секогаш кога можам да се живеам себеси. И со пишување и размена на идеи, со работилниците и настапите и перформансите, со разговорот со инспиративни соговоници. Но, и со возење велосипед, со пливање и танц, со одење на Ада и вежбање кундалини јога, со средбата со градот кој го сакам. И со дружење, со одење на пазар и со подготовка на храна. Својот живот го ткаев така што за среќа малку ми е потребно. Што помалку да сум зависна од другите, од технологијата, од струјата. Да можам да се живеам себе и кога многу нешта немам. Убав и мирен амбиент. Цвеќе. Свеќа. Простирка. Удобна софа за пишување. Компјутер. Но може и лист хартија и молив. Кафе. И тоа е тоа. Сè преку тоа е луксуз, за кој сум многу свесна. Дури и овие денови кога движењето не беше дозволено неколку дена, имав многу нешта што можев да ги направам. И ги направив. Работилници не можам да држам веќе повеќе од еден месец, но затоа се свртив на настапите „во живо“ на Фејсбук, каде ја добивам таа размена која ми е потребна. Чувството дека се живеам себеси. Својата вистина. И дека напредувам. Затоа е важно да имаме повеќе различни изрази, да не бидеме роботи, луѓе од еден канал, и со еден израз. Да ги активираме сите свои потенцијали. И телесни и ментални, и начините како да се поврземе со светот. Да можеме да избираме. Тоа е слободата на избор. Слобода да одберам од она што е во дадени услови можно. Баш како што живеењето на автоматски пилот ми е поим за ултимативна неслобода. Тоа како луѓето живееа пред пандемијата, тоа е за мене апсолутна неслобода. Го правеа тоа што сите го правеа. Одеа таму каде што сите одеа. И го купуваа истото што сите го купиле. Работи ден и ноќ. Кукај на понеделник. Купувај. Патувај. Фотографирај. Уште. И одново. Тоа не е слобода, туку робија. Овој момент, во својата ограничена слобода, нè води да разбереме и да живееме нова и уште попотполна слобода. Што на сите им ја посакувам.

Стравот и паниката се шират побрзо од вирусот. Како да се надминат внатрешните сопствени непријатели?

– Ги сакам овие прашања кои во себе содржат и одговор. Баш како што носиме ракавици, маски и се изолираме од потенциалниот вирус, така е потребо да се заштитиме и од пандемијата на страв и паника. Подеднакво. Повторно фокусот. Да ставиме филтери на сè што пуштаме во својот амбиент. Во својата аура.

Ако често сме изложени на радијацијата на стравот и паника, секојпат кога ќе нè допрат, да ги измиеме рацете. Барем 20 секунди. Да ја измиеме радијацијата од себе. И дишењето е моќна работа. Свесни вдишувања. Еден, два, три. Така го вдишуваме животот. Животната сила. И се потсетуваме на себе. И на својот пат, и на својата вистина. Да се изберат соговорници, тоа е најважно.

А внатрешните непријатели, не се наши непријатели. Тие се само гласници. Тие се тука со причина. Носат пораки за нас. И што е најлудо, обично од нешто нè чуваат, само на малку превртен начин. Со нив е важно да научиме да преговараме. Да се договараме, но да ги уважиме, зашто носат важни пораки. Да ги прашаме што имаат да ни кажат? Од што нè чуваат. За мене тоа е најголемиот потенцијал на човечката свесност. И со тоа се бавиме на работилниците.

Време е да си го поставиме себеси прашањето – на што нè повикува сегашниот момент? Како да ги разбереме неговите пораки? Како би можеле да го искористиме? А, ми изгледа дека овој момент е многу директен.

Александра Иванова, прашува: Која е формулата сè ова да се проживее со отворено срце без било-какво противење? Кажете ни нешто за принципот на недавање отпор и принципот на вклучување на спротивностите.

 – Јас би го нарекла принцип на прифаќање на даденото. Меандрирање во ритмите на животот. А не борба со животот. Како што Његош његошки кажа: Што наиде – тоа е она што го правам. Па така и пандемијата не ја доживувам како непријател. И таа е гласна. Резултат. Последица на нашите делувања, а тие пак, се последица на нашата свесност, која тукушто зачнува, и се раѓа. Нашето западно размислување е базирано на идеите за добро и лошо. За пријатели и непријатели. Ниеден човек не е наш пријател. Ниеден човек не е ни наш непријател. Секој човек е наш учител, велат Јапонците. Научивме да се бориме со сè што го нарековме лошо. И така се бориме со сè што е „лошо“. Со корупцијата, со тероризмот, со болестите, пандемијата, со внатрешните непријатели. И што повеќе се бориме, тоа повеќе ги имаме. Време е да го смениме принципот.

Надвор од идејата за добро и лошо се наоѓа поле. И решение. Задачата ни е ситуацијата да ја ставиме во малку поширок контекст, во кој се наоѓа решение. Време е да си го поставиме себеси прашањето – на што нè повикува сегашниот момент? Како да ги разбереме неговите пораки? Како би можеле да го искористиме? А, ми изгледа дека овој момент е многу директен. Не треба да го толкуваме. Само да го гледаме. Не испрати дома. Во себе. Во своите плакари. И без врска е да се лутиме, да се „копрцаме“. Имаме слобода да ги избереме фиоките на нашата свесност и нашиот живот кои бараат да ги средиме. Колективно да се излечиме. Се чувствувам многу почестена и привилегирана што имам прилика да бидам современик на еден ваков планетарно важен момент, во кој планетарно минуваме низ голема трансформација. И во која е видлива промената на свесност. И во тоа да учествувам. Хаосот е многу потентен, тој е самата матка на создавањето, и не треба да му се противиме, туку да му дозволиме да не спроведе преку нешто ново. Потребна е доверба. Верба. Животот е сепак постар. Сепак, тој задава теми. А наше е да ги разбереме и да ги свртиме на својата воденица. На овие зборови мојата пријателка имаше супердуховита забелешка. Значи, треба да бидам корона профитер? Така некако.

Што побрзо ќе се роди после оваа ситуација, љубовта или почитувањето, или можеби нешто трето?

– Од толкава јанг-јанг машка ефикасна енергија, која веќе не знаеше каде удира, стигнавме во природното продолжение. Во јин-јин енергијата. На земјата, која е кружна плус бесконечно се сретнува со минусот бесконечно. Тоа е иста точка. До оваа точка стигнавме уште одамна, уште во времето кога Тесла живееше. Само што сега го дотеравме царот до дуварот. Тесла пред многу години ни кажа дека науката ќе напредува за само 10 години штом ќе се посвети на духовноста, повеќе отколку за целото време на своето постоење. До овој момент нè донесе машката енергија. Неа сега и треба малку одмор. На ред е оплеменување и негување на она што сме го направиле. И игра. Зашто станавме навистина уморни. И овој наш свет остаре. Од нашата сериозност. Заборавивме да си играме. Бевме само ефикасни. Уште. Повеќе. Во сè. Станавме шампиони во редење на лежалки на Титаник. На ред е не-ефикасноста. Време е за ефективност. Да се прават вистински работи. Да се пренасочи Титаник во друга насока. И малку да се позабавуваме. Токму тие две енергии, женската и универзалната детска, нè повикаа дома. Малку да се одмориме. Да се смириме. Стишиме. Да го слушнеме својот пулс. Својот здив. Да се оддалечиме од нашата секојдневница. Да се понегуваме себеси. И своите најблиски. Да слушнеме што сакаме. Што нè радува, а што веќе не сакаме. И да си играме.

Што мислите, зошто балканските земји се рангирани меѓу земјите во кои не живеат баш среќни луѓе, дали е тоа воглавно поради економската ситуација?

Според моето разбирање на светот, духот е тој кој го има приматот. На почетокот беше Зборот. Економската ситуација е само последица. Мојот одговор е повторно ист. Ми се чини секогаш ист. Фокусот. Обрни внимание на вниманието. Секојдневно го зборувам тоа. Се загледавме во минатото. Во тоа што го немаме. Во дворот на соседот. Додека нашето е несредено. И му се лутиме на животот. Врескаме неправда. Нас не доживувам како големи деца кои се лутат, додека гледаат како нивните браќа и сестри добиле поубава играчка. А својата играчка уште не ја ни отвориле. Веќе кутијата и пакувањето ни се чинат неправедни. Мислам дека сме несреќни затоа што не преземаме одговорност за својот живот, туку сме во вечна потрага за големиот татко. За водач. Диктатор. Па тогаш од таков татко повремено добиваме по газето, и така, во круг.

Александра Иванова, прашува: Што е потребно човекот да се препознае себе во се што прима и да зрачи во сè што дава?  

Да забавиме. На тоа што не повикува и овој момент. И да почнеме да гледаме, да слушаме, чувствуваме и да ги поврзуваме работите. Да ја поврземе сеидбата во жетвата. Збровите кои ги изговараме и реалноста која ја живееме. Мислите и делата. Да ги поврземе своите давања и примања. И да увидиме дека надворешниот свет е само огледало на нашите мисли, верувања и, неверувања.

Што им недостига на балканските жени?

Да ја слечеме таа одежда на големо-маченички. На жртви. Петрии. Да се освестиме дека веќе не сме Петрии и дека не мора да бидеме. Да го освестиме огромниот пат кој го поминавме. Од Петрија до премиерка…за половина век. Тоа е огромно поместување. Можеби тоа е поголема револуција и од индустриската револуција. Ако го освестиме тој пат, тогаш би биле свесни и за своите вредности. И со повеќе решителност (машка енергија) и духовитост (денска енергија) тие свои вредности би ги вткале – но, не и наметнале – на светот. Тоа е новиот свет кој се создава. Вљубете се во своите идеи, маѓепсајте го, а немојте да го освојувате.

Кои се хероините на новото време?  

– Свесни за себе, и за светот околу себе. Оние кои смеат да се живеат себеси. Кои велат ДА кога срцето им вели ДА. Исто така знаат да кажат и НЕ. И кои патуваат по своите патишта. Дури и кога општеството во тоа не ги бодри. Хероините на новото време се силни, нежни и духовити жени. Кои не се плашат да ги оплеменат осакатените диносауруски системи. Да им вдахнат душа, убавина и радост. Да ги разиграат, да им дадат нова естетика, да повикаат на љубов. На нови односи. Канцелариската запуреност да ја оплеменат со ведрина. Со цвеќе. Со колачиња. На подметнувањата да одговорат со поддршка. Со сочувство. Со хумор.

Фотографии – Ненад Тасиќ Таса

Повеќе информации за нашата соговорничка – ТУКА или на Фејсбук страницата – ТУКА. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот