Како да ја протолкувате крвната слика: Што значат кратенките и на што укажуваат нивните вредности

Фото: Профимедиа

Целта на лабораториската анализа на крвната слика е да се добие точен и сигурен наод кој ќе покаже дали има какви било физиолошки промени во организмот.

Кога станува збор за лабораториско испитување на крвта, вклучува два вида анализи: оние што се насочени на испитување на видот, бројот, односот и изгледот на клеточните елементи на крвта (крвна слика, хематолошки параметри) и другите, со кои се проверува биохемискиот состав на крвта и врз основа на тоа се воспоставува работата или состојбата на одделни органи и ткива.

Без разлика на тоа дали се плашите од игли или земање крв, одењето во лабораторија е сепак неопходно при речиси секоја дијагноза на болеста. Анализите на крвта јасно покажуваат дали организмот е здрав, дали постојат воспалителни процеси, некојa болест, анемија, инфекција, состојба на ухранетост на организмот и изложеноста на отровни материи и слично.

Комплетната крвна слика вклучува број на еритроцитите, леукоцитите и тромбоцитите, еритроцитните константи (MCV, MCH, MCHC, RDW), тромбоцитните константи (MPV, PDW), диференцијалната крвна слика (подтипови на леукоцитите: неутрофили, еозинофили, базофили, моноцити, лимфоцити), хемоглобин и хематокрит.

За да не се прашувате што претставуваат неразбирливите кратенки покрај броевите на хартијата што ви ја дал лаборантот, ве советуваме внимателно да го прочитате овој текст и да научите кои се референтните вредности на комплетната крвна слика.

Значење на кратенките:

RBC – еритроцитите (црвени крвни зрнца) пренесуваат кислород од белите дробови до другите делови од телото;

WBC – леукоцитите (бели крвни зрнца) служат за одбрана на организмот од бактерии, вируси и габички;

PLT – тромбоцитите (крвни плочки) учествуваат во формирањето на згрутчувања и го запираат крвавењето;

Hb – концентрација на хемоглобинот;

Hct – уделот на крвните клетки или хематокритот во вкупниот волумен на крв;

MCV – среден волумен на еритроцитите;

MCHC – средна концентрација на хемоглобинот во еритроцитите;

RDW – ширина на дистрибуцијата на еритроцитите, сортирање на еритроцитите по големина;

MPV – просечен среден волумен на тромбоцитите.

Еритроцити

Еритроцитите или црвените крвни зрнца се крвни клетки кои содржат хемоглобин и учествуваат во преносот на кислородот врзан за хемоглобинот од белите дробови до другите ткива.

Нормални вредности – 3,86 x 1012/ l до 5,08 x 1012/l за жените и од 4,34 x 1012/l до 5,72 x 1012/l за мажите.

Намалените вредности се најчесто знак за анемија или за губиток на крвта поради крвавење. Зголемените вредности може да бидат предизвикани од состојби на хемоконцентрација на организмот, кај полицитемија, но и кај здравите луѓе.

Леукоцити

Леукоцитите или белите крвни зрнца, се формираат во коскената срцевина и го штитат организмот од инфекции. Учествуваат во имунолошкиот одговор. Постојат пет различни видови бели крвни зрнца и сите тие се дел од одбраната на телото против инвазијата на инфективните и другите штетни материи.

Нормални вредности – 3,9 – 10×109/l

Зголемен број на леукоцити во организмот значи некоја бактериска инфекција. Намалениот број на леукоцити укажува на вирусно заболување, кај примена на некои лекови, хемотерапија, леукоцитоза, во стресни ситуации…

Хемоглобин

Хемоглобинот е состојка на црвените крвни зрнца. Тој пренесува кислород од белите дробови до ткивата и јаглерод диоксид од ткивата назад во белите дробови. Со секој здив, крвта во белите дробови добива кислород и, благодарение токму на хемоглобинот, го дистрибуира до сите ткива и органи.

Нормална концентрација – 110-180 g/I

Намалената концентрација укажува на анемија. Зголемената концентрација е во состојбите на хемоконцентрацијата на организмот и кај полицитемија.

Хематокрит

Хематокрит го претставува волуменот на еритроцитите во единица полна крв.

Нормални вредности – за жените 0.356 – 0.470 L/l и кај мажите 0.41 – 0.53 L/l

Зголемени вредности на хематокрит се забележуваат при дехидратација и шок. Хематокритот е намален во бременоста, а се намалува и со возраста. Исто така е намален кај анемија, леукемија, зголемена функција на тироидната жлезда (хипертиреоза), цироза на црниот дроб, изгореници и инфекции.

Тромбоцити

Тромбоцитите се клетки кои учествуваат во коагулацијата (згрутчување) на крвта.

Нормални вредности – 140-450 x 109/l

Вишокот тромбоцити предизвикува интензивирано згрутчување на крвта и може да доведе до создавање крвно згрутчување во кардиоваскуларниот систем. Недостатокот на тромбоцити (тромбоцитопенија) предизвикува склоност кон крвавење, тромбоцитите се намалени при хемотерапија, малигни заболувања, хепатитис и сл.

Константи на еритроцитите

Константите на еритроцитите се пресметуваат од бројот на еритроцитите, концентрациите на хемоглобинот и хематокритот и даваат информација за квалитетот на еритроцитите.

MCV (просечен волумен на клетката) – големина на еритроцитите – нормалните вредности се од 81-99 fl;

MCH (просечен клеточен хемоглобин) – просечна количина на хемоглобин во еритроцитот – нормалните вредности се од 29-32,9 pg;

MCHC (средна концентрација на хемоглобин во клетките) – просечна концентрација на хемоглобинот во еритроцитите – нормалните вредности се од 310-350 g/l;

RDW (ширина на дистрибуција на црвени крвни зрнца) – распределба на еритроцитите по волумен – нормалните вредности се 11,5-16,5 отсто.

Седиментација на еритроцитите

Седиментацијата не влегува директно во контролата на крвната слика, туку се препорачува и најчесто се изведува за време на хематолошките анализи бидејќи укажува на можното постоење на болеста и се следи кај сите болести. Оваа вредност ја претставува брзината со која еритроцитите се таложат на дното на исправената епрувета.

Нормалната брзина на седиментација на еритроцитите го исклучува постоењето на болести, додека забрзаната е индикатор за понатамошни испитувања.

Нормални вредности – 2-12 mm/h

Седиментацијата е забрзана кај воспаленија, уништување на клетките, труење, во бременоста и по породувањето, кај ТБЦ, ревматските заболувања… Седиментацијата е забавена кај новороденчињата, полицитемија, конгестивната срцева слабост, алергиските состојби, одредени видови на анемија…

Биохемиски параметри на крвта

Изглед на серумот – нормален: бистар и светложолт;

Може да биде слабо липемичен (малку заматен), липемичен (заматен) и млечно липемичен (многу заматен), што укажува на зголемени маснотии во крвта. Често до вакви резултати доаѓа бидејќи пациентот не се придржува на правилото – да не зема храна 12 часа пред давањето крв. Серумот може да биде црвен и поради хемолиза и иктеричен поради зголемени вредности на билирубинот.

Гликоза – нормални вредности од 3,5-6,1mmol/l

Зголемени вредности се јавуваат кај дијабетичарите, а намалени кај хипогликемијата од различни причини.

Состојба на бубрезите

Уреа – нормални вредности од 1,7-8,3 mmol/l

Креатинин – нормални вредности за мажите од 62-106; а за жените од 44-80 umol/l

Зголемени вредности се јавуваат кај бубрежни заболувања. Зголемена уреа, а нормален креатинин, исто така, може да биде и резултат на исхрана богата со протеини. Зголемените нивоа на креатинин може да бидат и последица на зголемена физичка активност или земање стероиди. Намалени вредности се јавуваат кај трудниците и жените воопшто.

Електролити

Натриум – нормален: 139-154 mmol/l. Намалени вредности кај бубрежните пациенти.

Калиум – нормален: 3,8-5,3 mmol/l. Зголемени вредности кај бубрежните пациенти.

Состојба на зглобовите

Урична киселина – нормални вредности за мажите од 200-420, а за жените 140-340 umol/L

Зголемени вредности се јавуваат кај гихт (таложење на кристали на уричната киселина во зглобовите);

Намалената концентрација нема дијагностичко значење.

Маснотии во крвта

Холестерол – Препорачан < 5,2; Висок > 6,2 mmol/l

ХДЛ холестерол (добар) – Препорачан > 1,54; Низок < 1,0 mmol/l

Дијагностичко значење имаат намалените вредности на ХДЛ холестеролот. Во тој случај, постои зголемен ризик од настанување кардиоваскуларни заболувања. Колку се повисоки вредностите на ХДЛ холестеролот, толку подобро, бидејќи овој холестерол ги „чисти“ крвните садови.

ЛДЛ холестерол (лош) – Препорачан < 2,6; Висок > 4,1 mmol/l

Зголемените вредности обично се поврзани со неправилната исхрана и стресот. Тогаш се зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, пред сѐ, од атеросклероза.

Триглицериди – Препорачан < 1,7; Висок > 2,3 mmol/l

Зголемените вредности најчесто се знак за непочитување на правилото да не се зема храна 12 часа пред вадењето крв. Намалените вредности немаат дијагностичко значење.

Состојба на црниот дроб

ALT – нормална вредност од 8-41 IJ/I

Зголемените вредности укажуваат на акутно оштетување на црниот дроб, најчесто предизвикано од терапија со антибиотици, консумирање газирани пијалаци и сл.

AST – нормална вредност од 7-38 IJ/I

Зголемените вредности укажуваат на значително оштетување на црниот дроб или други болести (на пример, некои мускулни заболувања);

Гама ГТ – нормална вредност за мажите од 8-40; а за жените од 5-35IJ/I

Зголемените вредности најчесто се јавуваат кај алкохоличари и се знак за оштетување на црниот дроб.

Вкупен билирубин – Нормални вредности од 1,1-18,8 umol/l

Зголемени вредности се јавуваат при оштетување на црниот дроб и опструкција на жолчните канали. Намалените вредности немаат дијагностичко значење.

Коски

Алкална фосфатаза – Нормална вредност за возрасни 0-270; деца до810 IJ/I

Една од формите на алкалната фосфатаза учествува во изградбата на коските. Зголемените вредности може да укажуваат на зголемено распаѓање на коските и на можен развој на остеопороза. Кај децата во развој, вредноста на овој параметар е зголемена.

Панкреас

S – алфа амилаза – нормална: 28-100 IJ/I

U – алфа амилаза – нормална: -450 IJ/I

Зголемените нивоа укажуваат на нарушување на функцијата на панкреасот.

Коскена срж

Железо – нормално за мажите од 10,6-28,3; за жените 6,6-26,0 umol/l

Заедно со хемоглобинот, еритроцитите и параметрите што ја одредуваат морфологијата на еритроцитите (MCV, MCH и MCHC), обезбедува увид во состојбата на коскената срцевина. Одредувањето само на железото нема никакво значење за поставување дијагноза на анемија.

Други параметри на крвта

Фибриноген – нормален 2-4 g/l

Ова е неспецифичен параметар. Зголемен е кај акутни и хронични заболувања, малигни заболувања, голем број на болести, разни воспаленија итн. Намалените вредности немаат дијагностичко значење.

Протеини – нормални 66-87 g/l

Намалените вредности се знак за оштетена синтетска функција на црниот дроб, освен во бременоста кога намалените вредности често се јавуваат. Зголемените вредности може да укажуваат на проблеми со дисфункција на бубрегот.

(ПТ) – Протомбинско време – нормална < 1,3 INR

ПТ се одредува кај пациентите пред операција, како и кај пациентите на антикоагулантна терапија кога очекуваните вредности се од 2,0-4,5 INR.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот