Како да ја поттикнете детската фантазија

Како се развива детската фантазија? Што може да направите за кај детето да ја разбудите креатовноста и имагинативноста?

Детската фантазија е она што детето во вистинскиот свет не го доживува, тоа се настани резервирани само за детскиот свет. Таа ќе го носи детето во непознати земји, ќе го запознава со замислени пријатели, ќе го тера да ги нацрта најстрашните чудовишта и да ги раскажува неверојатни приказни. Со еден збор, детската фантазија е неверојатна и бескрајна, а во подоцнежна возраст се претвора во многу позитивни вештини.

Децата не се само наши мали битија кои чекорат со нас и ништо не разбираат. Децата од најраните денови создаваат впечаток за светот околу себе, развиваат свој став и мислење. Првите индикации на фантазија се јавуваат уште кога се доенчиња. Сетете се колку гордо го прераскажавте првото „брм- брм“ на своето дете. Кога детето е на возраст окoлу првата година, го зема автомобилчето на подот и почнува да го имитира неговиот звук.

Фантазијата се буди од најрано детство

Околу првата година почнуваме да ги забележуваме почетоците на фантазијата кај секое дете . Со текот на времето, овој феномен се зајакнува и продлабочува. Негувањето на фантазијата кај детето ќе резултира со многу вредни особини кај него кога ќе стане возрасно лице. Понекогаш, како родител, детската игра ве поттикнува на размислување затоа што вашето дете премногу ужива во неговиот имагинативен свет. Можеби сме и загрижени за тоа колку далеку може да оди оваа игра.

Секојдневно децата треба да ги обработуваат многубројните нови впечатоци што ги примиле тој ден од околината. Децата на свој карактеристичен начин ги толкуваат однесувањето, односите и постапките . Поради нивните „мали години“ и недостигот на животно искуство не разбираат баш сè, но имаат тенденција да ги објаснуваат секојдневните ситуации прифатливо за нив – на детски начин. Секоја ситуација, секоја приказна, цртан филм или игра со врсници кај детето поттикнува создавање на неверојатна можност за фантазија. Затоа не е чудно што децата честопати ги мешаат границите помеѓу реалноста и фантазијата.

Фантазијата е многу поважна од знаењето. Знаењето е ограничено. Фантазијата го опкружува светот, Алберт Ајштајн

ШТО Е ФАНТАЗИЈА И КАКО ВЛИЈАЕ НА РАЗВОЈОТ НА ДЕТЕТО ?

Процесот на фантазијата е под силно влијание од желбите. Психолозите тврдат дека децата почнуваат да ја развиваат својата фантазија веднаш штом ќе станат свесни за светот околу нив . Како што детето расте и се развива, границата помеѓу фантазијата и реалноста станува појасна и детето самостојно одлучува дали и кога ќе ја премине.

Дете на возраст од една година

– Разговарајте со вашето дете постојано, без оглед на неговата возраст. Разговарањето и опишувањето на ситуациите, луѓето и работите кај децата на оваа возраст игра многу важна улога во развојот на многу процеси , па така и на фантазијата.

-Играјте со вашето дете. Дете на возраст од една година почнува да ја развива и усвојува играта. На таа возраст, вие сте нивната омилена играчка , водејќи ги процесите на развој. Секое дете е личност за себе и има свои афинитети, препознајте ги и охрабрете ги тие афинитети преку игра, а вашето дете ќе ви биде благодарно.

– Читајте книги или барем гледајте слики, на овој начин вашето дете ќе добие ново знаење визуелизирано во бои. Слушањето приказни и зборови ќе резултира во побрз и поквалитетен развој на говорот.

– Однесете го детето во парк, природа или меѓу други деца. Иако, можеби не изгледа така, но детето го апсорбира светот околу себе. Покрај непобитен здравствен ефект, претојувањето на отворено во паркот меѓу децата или во природа, има корисен ефект врз развојот на детската фантазија.

Дете на возрст од две години

-Подгответе книги, боенки, задачи и започнете со авантура на цртање, боење и броење . Можеби на почетокот, вашето дете нема да биде вешто, но со тек на времето ќе се претвори во вистински мал уметник кое замислено користи бои и форми. Наградете ги неговите обиди и покажете му колку ве привлекуваат и веселат, иако можеби не ја препознавате содржината. На тој начин на вашето дете ќе му овозможите дополнителна мотивација да биде уште подобро со својата фантазија.

– Погрижете се играчките што ги купувате за вашето дете да бидат креативни и едукативни. Набавете коцки за градење, сложувалки и слични играчки со кои низ игра ќе го охрабрите детето да ги решава задачите на свој својствен начин . Овозможете му на вашето дете интересна и едукативна содржина во текот на денот и не дозволувајте му да поминува премногу време пред телевизорот.

– На вашето дете читајте му приказни, пејте му песнички, сложувајте рими и дозволете му на детето да замисли што е прикажано на сликите и тоа да ви го објасни на начин на кој го гледа.

– Играјте со звуци за имитација на животни и други работи кои се познати за детето, играјте криенка и барање, маскирајте се и вашето дете ќе биде среќно и благодарно.

Дете на возраст од три години

– Однесете го детето на куклена претстава. По завршувањето на претставата разговарајте околу тоа како вашето дете ја доживеало приказната, а како сте ја доживеале вие. Дозволете му на вашето дете да се изрази, колку тоа да е несмасно и да одзема време. Секое следно изразување ќе биде полесно и подобро, а вашето дете за многу кратко време ќе биде во состојба да опише што видело и доживеало во светот околу себе со свои зборови.

-Гответе со вашето дете, сложувајте коцки, изработувајте украси за празниците, боите со водени боички , правете модели од пластелин. Дозволете му на вашето дете да се извалка. Можеби вашиот дом нема да биде најчист, но ќе имате среќно и благодарно дете.

По четврата година детето ќе има развиено афинитети, ќе ги познава своите омилени цртани филмови, ќе прераскажува приказни за добра ноќ. Вашето дете веќе си развило свој свет и постојано се враќа на имитирање омилени ликови, играње на посложени игри само или со негови врсници. На возраст од околу четири и повеќе години, детето е способно да игра само, иако доколку сакате да се вклучите во играта, никогаш нема да ве одбие. Сепак, вие сте омилена и неисцрпна играчка на вашето дете, која никогаш не станува застарена и не излегува од мода.

До претшколкса возраст децата не се во состојба секогаш да разликуваат вистински од измислен свет. Нивната фантазија тогаш е најинтензивна и треба најмногу да се охрабруваат. Меѓутоа, секогаш треба да го контролирате во играта во светот на фантазијата да не ја премини границата на сигурноста и дозволеното.

Кога децата ќе почнат да одат в училиште не е лошо да се запишат на некоја активност каде можат креативно да се изразат преку игра и учење.

Некои од придобивките на фантазијата во развојот на децата

-Фантазијата го потикнува развојот на интелегенција и способноста за снајдување во различни ситуации.

-Децата кои имаат богата фантазија, помалку се наклонети на кавги и конфликти и воопшто поинтересно го поминуваат своето време.

-Фантазијата поттикнува подобра концентрација.
-Фантазирањето е многу сликовито и со тоа е соодветно за развивање на детскиот речник.
-Раната способност за фантазирање може да предизвика креативност која трае целиот живот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот