Каде да одите ВИКЕНДОВ? Во Глуво, на домашна храна и уживање во неверојатната природа!

На југозападните предели на Скопска Црна Гора, а на само десетина километри оддалеченост од Скопје, се наоѓа едно од најстарите села во Македонија, селото Глуво. Ако до сега не сте го посетиле, сте пропуштиле забавен викенд поминат на чист воздух, со превкусна традиционална кујна и посета на знаменитости.

Неодамна пак, во селото се поставија „холивудските“ букви – Глувовуд. Големите бетонски букви се идеја на Јовица Кукуновски-Кукун, кој е жител на селото и активно се грижи за негова промоција. Тој вели дека токму овие букви, единственото село по многу нешта, го направиле уште поатрактивно за посетителите.

Јовица Кукуновски-Кукун

Кукун ни раскажува што друго вреди да се види во селото:

-Во Глуво треба да го посетите главниот извор на Римскиот водовод. Потоа, задолжително да се види црквата „Свети Никола“, изградена во 1306 година, со доградба во 1855 година, а фреско-живописана од прочуениот македонски иконописец, Димитар Крстев Дичов, познат како Дичо Зограф. Тука е и прекрасната манастирска црква „Свети Атанасиј Велики“ од 2016 година, изградена врз црквичка од 1970 година, која, пак, била изградена на темели од постара црква.

Поглед на Скопје

Село Глуво треба да се посети и за време на меморијалниот турнир во мал фудбал кој го носи името, како што велат мештаните, по патронот на селото – големото фудбалско име Љубомир Рајчевски Рајче. Тогаш Глуво навистина „крцка“ од посетители и љубители на спортот. Инаку, турнирот трае во текот на целиот месец август, кога Скопје е најжешко, па ете, земете предвид каде би можеле на ладовинка да побегнете.

Ако сакате пак, посебно доживување за време на бадниковите празници, Богојавјение и Водици, појдете во село Глуво. Таму овие празници вистински се чествуваат со сите традиционални ритуали.

Најпосле, покрај долниот тек на Бањанската река, може да уживате во природата и во превкусната домашна храна карактеристична за ова поднебје. Што велите за домашен зелник, комат, пита, витканица? Ммм…Од неодамна, во Глуво има и пицерија, Рибилимус, а мештаните тврдат дека тука се подготвува највкусната пица на Балканот, поради мајсторството на тестото. А, има и пастрмајлии.

Сите овие атракции кои ги нуди ова симпатично село со гостопримливи и ведри жители сè повеќе ги привлекуваат туристите, странците, но истовремено, се добар метод како младите да се задржат во селото.

Во тек се подготовките за преспивање во Глуво, па така, не мора да престојувате тука само „набрзина“, на ден, туку може и цел викенд.

Кукун пак, нè потсетува дека надоброто место за одмор е дворот на манастирот „Свети Атанас Велики“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот