Каде бевте кога паднаа кулите близначки?

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Тоа што е факт е дека 15 од 17 извршители на страшните терористички напади на 9.11. беа Саудијци, сонародници на Осама бин Ладен. Голем број докази од истрагата за нападот водеа во правецот на Саудиска Арабија, но од некоја причина преку медиумите се инсистираше на Авганистан

Каде бевте кога паднаа „кулите близначки“ во Њујорк? Претпоставувам дека секој човек на планетава, кој беше изненаден и искрено потресен од терористичкиот напад што го потресе светот и го смени курсот на историјата, се сеќава точно на местото и под кои околности ја дознал потресната вест.

Јас бев на подножјето во ридот Ватерслеи на југот од Холандија, една од највисоките точки на „ниската земја“. Холандија е една од најрамните земји во светот, но јас, ете, првите месеци од мојот претстој во државата го поминав на врвот од ридот, до кој и не беше баш лесно да се дојде. Но, се сеќавам дека на 9.11.2001 година имав среќа. Само што дојдов до подножјето, застана автомобилот на еден бескрајно љубезен Холанѓанец, кој се понуди да ме превезе до врвот. Влегов во колата, се заблагодарив, но тој ме прекина соопштувајќи ми набрзина дека „кулите близначки“ во Њујорк се погодени од патнички авиони. Неколку минути подоцна за првпат ги погледнав страшните сцени од Њујорк, како првиот, а потоа и вториот авион се забиваат во зградите, кои беа дел од Светскиот трговски центар, симболот на Големото Јаболко.

Потоа се дозна дека цел на нападот била и зградата на Пентагон, најголемата административна зграда во светот, која остана без едно „крило“, а уште еден патнички авион беше срушен над Пенсилванија, откако станало јасно дека е киднапиран од терористи и е на пат да се урне во Вашингтон. Тогаш и првпат слушнав за Осама бин Ладен, водачот на Ал каеда, чие име, само неколку часови по нападите беше објавено од медиумите со појаснување дека можеби тој е организаторот на терористичкиот чин.

Наредниот ден се појави информацијата дека Бин Ладен, кој од веројатен набргу стана сигурен организатор и инспиратор на нападите, ја ужива заштитата на немилосрдните талибанци од Авганистан. И тогаш почна да се одмотува филмот. Бин Ладен е основач и лидер на терористичка организација, организирана во ќелии, а секој член на една ќелија ги знае само своите најблиски соработници.  Претседателот Џорџ Буш му се обрати на водачот на талибанското движење Мула Омар, барајќи Бин Ладен да биде екстрадиран во САД. Омар побара докази за наводната вмешаност на ноторниот лидер на Ал каеда, а бидејќи не ги доби, беше приморан да се соочи со интензивна воена кампања водена од американската авијација, која безмилосно започна да исфрла бомби врз целата земја. Уште пред да започнат нападите на 7 октомври, дознавме за егзистирањето на Северната алијанса, всушност коалиција на неколку вооружени групи, кои во минатото биле спротивставени фракции, но откако талибанците ја наметнуваат својата власт, тие се принудени да се обединат и да повлечат на северот од Авганистан, држејќи под контрола помалку од 10 проценти од вкупната територија на земјата. Но, осоколени од воздушната поддршка на Американците, борците на Северната алијанса влегоа во силовит јуриш и почнаа забрзано да ги освојуваат провинциите и градовите, победоносно влегувајќи во главниот град Кабул на 12 ноември. Потоа, Американците и Британците доведоа огромни контингенти со војници и започна ловот по Осама бин Ладен. Се преврти секој камен, се влезе во секоја пештера јужно од Тора Бора, а американските специјални сили потпомогнати од германските и норвешките, успеаја да елиминираат или да заробат значителен број талибански борци, но и терористи од Ал каеда. Сепак, на Бин Ладен му немаше трага.

Но и не беше битно. Буш и неговата администрација прогласија победа во „Војната против теророт“, влегувајќи во најскапата и најбесмислената авантура во историјата на човештвото. На „изградбата на авганистанската нација“, во текот на 20 години американска окупација, беа потрошени 2.000 милијарди долари, од кои 84 беа издвоени за вооружувањето и обуката на припадниците на безбедносните сили. Цели 20 години се вложуваше во инфраструктура, образование, демократија, самоуправа, одржлива економија, еманципација на жените и инклузија на малцинствата. Но, откако Американците решија да се повлечат, блескавата авганистанска република се распадна како „кула од карти“, во „прошетката“ на талибанците, кои поголемиот дел од градови и села ги зазедоа без испукан куршум. Авганистанската војска го немаше вигорот на некогашната Северна алијанса, а преживеаните водачи на некогаш славниот и бестрашен сојуз беа приморани да го гледаат сиот очај на земјата, која набрзина падна под „папучите“ на талибанците.

Но, да се вратиме на почетокот. На 11 септември во 2001 година. Тогаш Осама бин Ладен беше посочен, како организатор на нападите, а талибанците за негови јатаци. Десет години подоцна, Бин Ладен беше убиен од американските специјалци на пакистанска почва. Останува нејасно дали тој всушност бил во Авганистан за време и непосредно по нападите или цело време бил во Пакистан, каде што најверојатно уживал одредена заштита од тајните служби. Тоа што е факт е дека 15 од 17 извршители на страшните терористички напади на 9.11. беа Саудијци, сонародници на Осама бин Ладен. Голем број докази од истрагата за нападот водеа во правецот на Саудиска Арабија, но од некоја причина преку медиумите се инсистираше на Авганистан. Во тоа време најсиромашната земја во светот.

Американците се чувствуваат посрамено и издадено деновиве гледајќи ги сцените од хаотичното повлекување од Кабул. Утеха можеби ќе добијат наскоро, доколку претседателот Џо Бајден ги отвори тајните документи, кои наводно ја чуваат вистината за саудиската вмешаност во нападите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот