ЈСП „Скопје“ со загуба од 5 милиони евра поради коронавирусот

Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Од почетокот на пандемијата прогласена поради коронавирусот, па сѐ до денес, ЈСП „Скопје“ работи со континуирани финансиски загуби, поради намалениот број патници што се превезуваат во нивните автобуси.

Како што информираат од ова Јавно сообраќајно претпријатие „Скопје“, досегашните загуби се во висина од околу 5 милиони евра.

За да продолжат со редовно функционирање, тие досега, во неколку наврати, финансиска помош добиле од Град Скопје, а како што велат, во иднина очекуваат финансиска помош и од Владата.

Своето нерентабилно работење, тие го правдаат со намалениот број на валидации на картичките, односно поради намалениот број патници што ги користат нивните услуги.

Сепак, фактичката состојба на терен изгледа сосема поинаку.

Речиси во секој автобус кој сообраќа по градските сообраќајници, гужвата е очигледна. Најголема турканица од патниците за да влезат во автобус има во периодите кога граѓаните одат или се враќаат од работа.

Според патниците, но и според епидемиолозите, огромната гужва што секојдневно се создава во автобусите е сериозна состојба, која може да иницира дополнително ширење на заразата од коронавирусот, што во изминатиот период зема сѐ поголем замав.

Сепак, според ЈСП „Скопје“, гужвите и турканиците се инцидентна појава, а не состојба која постојано се случува на терен.

-Гужви не се забележани од пред околу две недели, откога поголемиот дел од линиите сообраќаат по летен, делничен возен ред. Претходно, зголемен број патници инцидентно беше регистриран на неколку приградски линии, при што реагиравме на дневна основа, односно на тие линии веднаш се вклучуваа зголемен број возила – велат од ЈСП „Скопје.

Токму во обид да се намали опасноста од ширењето на коронавирусот во автобусите, на сила стапуваат и последните препораки на Комисијата за заразни болести, кои ги прифати Владата, а со кои се ограничува капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто.

Од ЈСП „Скопје“, пак, велат дека тие будно ја следат состојбата на терен и дека како и во изминатиов период, така и во иднина, ќе постапуваат според одлуките на надлежните институции.

И градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, смета дека ЈСП „Скопје“ без проблем може да одговори на новата владина мерка за ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто, со оглед на фактот што вкупниот број патници е намален за повеќе од 60 отсто во однос на истиот период минатата година.

Меѓу другото, Шилегов нагласи и дека ЈСП „Скопје“ работи со загуби и досега Градот издвоил преку 597 милиони денари за да му помогне на претпријатието.

Во однос на заштитата на патниците во возилата на јавниот превоз, Шилегов во емисија на ТВ Телма рече дека во автобусите се означени местата за седење и стоење.

-За жал, контролорите и возачите немаат право да го отстранат од возилото тој што не носи маска, а има платено автобуска карта. Поради тоа ќе се спроведе координирана акција на полицијата и на контролорите за да се научат граѓаните дека носењето маска е обврска – истакна Шилегов во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот