Некогашниот затворен базен во Чаир/ Фото: Државен завод за ревизија

ЈП за стопанисување со спортски објекти со години не уплаќалo пензиски придонес

Во Собранието е доставен Предлог-законот за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објектите во државна сопственост. Долгот кон Фондот за ПИОМ и кон УЈП е 2,4 милиони евра.

Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт направило дупка во Пензискиот фонд од дури 850.000 евра. На вработените не им бил уплатуван пензискиот придонес и тоа од 1.1.2006 година до 31.12.2008 година и од 1.7.2009 година до 31.12.2024 година. Ова значи дека ако некој отишол во пензија, си отишол без целиот пензиски стаж, со значајно помала пензија – ако успеал да собере минимален стаж за 15 години. За оние што допрва ќе одат, решение се бара во Закон за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија. Со тој влог, државата ќе ја покрие направената дупка во Пензискиот фонд и ќе им се плати стажот на вработените.

Од Фондот за ПИОМ велат дека ако некој отишол во пензија пред три години, ќе може да побара корекција на пензијата со платениот стаж.

– Ние постапуваме во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Пензија се пресметува врз основа на уплатените придонеси за секој вработен. Според законот, до три години откако некој ќе отиде во пензија, има право да побара промена на решението за пензија затоа што има нова состојба. Тоа значи дека по усвојувањето на законот за претворање на долгот во траен влог и со покривањето на придонесите, може да се поведе управна постапка и да се побара ново решение со платените пензии – изјавија за „Слободен печат“ од Фондот за ПИОМ.

Долг и кон УЈП

Предлог-законот за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија е доставен во Собранието, а во него е наведено дека ЈП за стопанисување со спортски објекти има долг и кон УЈП, и тој е околу 1,5 милиони евра.

„Вкупниот долг на Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија – Скопје кон Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија, за периодот 1.1.2006 година до 31.12.2008 година и од 1.7.2009 година до 31.12.2024 година изнесува: 146.246.443 денари.
За периодот 1.1.2006 година до 31.12.2008 година и од 1.7.2009 година до 31.12.2024 година неплатените придонеси за Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, е во износ од 54.439.997 денари со пресметани камати“, пишува во образложението на Предлог-законот.

Во образложението е наведено и дека по уписот на трајниот влог во Јавното претпријатие престануваат неговите обврски како по основ на главниот долг, така и по основ на каматите и другите споредни побарувања.

„Со предложениот закон ќе се стабилизира финансиската состојба на Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија – Скопје, ќе се заштити јавниот и државниот спортски интерес и ќе се обезбеди континуирано функционирање и развој на спортските комплекси од јавен и државен интерес“, пишува во Предлог-законот.

Лизгалиштето некогаш и сега/Фотографија: Државен завод за ревизија

Плати се исплаќале преку цесии и асигнации?

Од 2006 година важи концептот на бруто-плата, а тоа значи дека не може да се исплати плата без истовремено да се платат придонесите и данокот. Како тогаш плата добивале вработените во ЈП за спортски објекти? Одговорот го дава Државниот завод за ревизија во неодамнешна објавената ревизија, а која се донесува за 2023 година, а во која пишува: Во 2023 година вработени се четири лица, двајца в.д. директори, а платите и надоместоците долг период се исплаќаат преку цесии и асигнации“. Колку за појаснување – цесија претставува договор за отстапување на побарување од еден на друг доверител, а асигнација е процес кога едно лице, упатувач (асигнант) овластува друго лице, упатеник (асигнат), за негова сметка да изврши нешто за определено трето лице.

„Постои реална можност 82 проценти од евидентираните побарувања да не се наплатат.  За неисплатените плати кон вработените и неисплатени надоместоци кон членови на УО во износ од 61.448.000 денари (речиси 1 милион евра, н.з.): не беа презентирани акти, одлуки за утврдување и пресметување на платите за вработените, согласности од Владата (како основач), персонални досиеја за вработените“, пишува во ревизорскиот извештај.

Според податоците на платформата „Компани вол“, ЈП за спортските објекти во 2024 година имало приход од 100.000 евра, расходите биле 65.000 евра, а нето-добивката изнесувала 31.000 евра. Добивка од околу 10.000 евра е остварена и во 2023 година, додека во 2022 година имале загуба од неполни 2.000 евра.

Со закон претпријатието не ни постои?!

Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во државна сопственост законски престанало да постои на 1 мај 2017 година.

„Основачот (Владата, н.з.) на јавното претпријатие во континуитет заклучно со 2023 година донесува акти за назначување одговорни лица и членови на Управен одбор и покрај тоа што често со закон се укинува“, истакнува Државниот ревизор во извештајот што го објави во мај годинава.

Некогашното ракометрано игралиште сега е дискотека/ Фотографија: Државен завод за ревизија

Во Извештајот е наведено и дека јавното претпријатие располага со земјиште, градежни објекти, опрема, транспортни средства, средства во подготовка со проценета вредност од 1.971.377 илјади денари, или 31.951.004 евра.

„За евидентираните земјишта и градежни објекти, ЈП не располага со податоци со кој имот реално располага, нема одлуки на Владата и имотни листови како доказ за стекнато право на користење или нивна сопственост, ниту, пак, постојат историски податоци за нивната вредност, исправка на вредноста, вредносно усогласување низ годините или извршена процена“, забележаа ревизорите.

Имотот се давал по закуп за ситнеж

Според ревизорскиот извештај објектите се даваат под закуп на долг период 20-30 години; договорените закупнини се мали во однос на просторот што се дава, а закупецот може да ги дава во подзакуп; не постои документација за промените запишани во имотните листови во однос на сопственост од легализација, приватизација или по друга основа; нема документација со која ќе се потврдат инвестициските вложувања од страна на закупецот предвидени со договорите; се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки.

„Укажавме на Министерството за спорт и основачот од потребата за утврдување на сите објекти кои биле во надлежност на ЈП и нивниот статус, како и преиспитување на законитоста на сите договори за закуп склучени помеѓу ЈП и трети лица со цел преземање мерки за минимизирање на правните и на финансиските ризици и заштита на државниот имот“, пишува во Ревизорскиот извештај“.

Хаотична е состојбата со спортските објекти во Македонија: Не се знае кој пие, кој плаќа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот