Јовески: Обвинителство е цел на неосновани напади, довербата е повисока од она што се прикажува

Љубомир Јовески - јавен обвинител на РСМ / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Со гордост, задоволство и чест во изминатите шест години ја извршував функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија, вели Јавниот обвинител  Љубомир Јовески чиј мандат завршува денеска и кој се обрати до јавноста со отворено писмо по повот крајот на мандатот.

– Во изминатите шест години Јавното обвинителство го започна процесот на трансформација од целосно затворена, кон институција отчетна и достапна за граѓаните. Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјава и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади. Со такви интереси секој си правеше анкети и ги презентираше како релевантни. Се создаде атмосфера дека довербата во нашата работа е нереално многу ниска – пишува обвинителот Јовески.

На пример, додава тој, покрај другите предмети правосудството постапува и по граѓански предмети во кои одлуката е во корист само на едната страна, но и покрај тоа во значителен број предмети странките ја прифатиле донесената одлука и не изјавиле жалба.

– Во јавното обвинителство, пак, бројот на поднесени кривични пријави од граѓани од година во година расте, што исто така е показател дека довербата на граѓаните во нашата работа се зголемува и е многу повисока од презентираната – вели Јовески.

Анкетите, онака како што се прават за политичарите и политичките партии, не се соодветни за мерењето на довербата во работата на Јавното обвинителство, смета обвинителот.

– Еве само некоку податоци од стручно и релевантно истражување на Светска банка кое деновиве и целосно ќе биде објавено, а се однесува на состојбите со јавната перцепција на правосудството кај нас. Во ова длабинско и суштинско истражување на пример на прашањето колку се ефикасни правосудните институции генерално позитивна оценка дале 28 отсто од граѓаните и 33 отсто од бизнисмените. Запрашани за ефикасноста конкретно во нивниот предмет за оние што имале такво искуство 47 отсто од граѓаните и 37 отсто од бизнисмените рекле дека се задоволни. Квалитетот на работата на правосудните институции позитивно го оцениле повторно 28 отсто од граѓаните и 31 отсто од бизнисмените, а во нивен предмет тој процент се искачува на 50 отсто од граѓаните и 42 отсто од бизнимените кои се задоволни од квалитетот на одлуките. Заслужуваат внимание и податоците на истражувањето на Светска банка на прашањето колку е фер правосудниот систем? Позитивно се изјасниле 24 отсто од граѓаните и 23 отсто од бизнисмените, додека од оние што имале лично искуство позитивна оценка дале 60 отсто од граѓаните и 55 отсто од бизнисмените – вели Јовески.

Тој додава и дека во изминатите шест години можеле и подобро и повеќе, но во ниту еден момент не престанал да се залага за повеќе и за подобри резултати.

– Сакам да упатам една порака и до колегите јавни обвинители. Стрпливоста и упорноста се столбовите на секоја кариера во правосудството. Потрагата по правда е маратон, а не спринт трка на кратки патеки и затоа човек мора да одржува темпо и да е истраен. Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате. Со чесна и напорна работа вашите резултати нема да останат непрепознаени од јавноста. Би сакал јавно лично да ви се заблагодарам за соработката која ја имавте со мене како прв човек на институцијата. Ја користам оваа прилика вам, на вашите семејства и на сите граѓани да ви ги честитам претстојните празници и да ви посакам многу среќа, здравје и успеси – вели Јовески.

Во своето обраќање тој додаде и цитат од Абрахам Линколн: „Да веруваме дека правото има моќ и со таа верба да се осмелиме до крај да ја вршиме нашата должност онака како што ја разбираме”.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот