Јелена Спенџарска си оди од Македонија: Во март се селам во Солун кај Лукас

Јелена Спенџарска и нејзиниот партнер / Фото: Приватна архива

За првпат јавно, за „Слободен печат“, Јелена открива како го запознала Лукас и детално го опишува моментот кога во себе си рекла: „Ова е човекот“. Јелена открива и уште нешто што досега не го кажала јавно, а тоа е дека следниот месец си заминува од Скопје, и за да биде блиску до својата љубов, таа ќе се пресели во Солун.

Шармантната водителка Јелена Спенџарска од ТВ Канал 5 е една од најактуелните на социјалните мрежи кај нас и вели дека ѝ е најважно со своите објави да им го разубави денот на луѓето. И самата таа сега живее еден убав животен период, откако е во љубов со Гркот Лукас.

За првпат јавно, за „Слободен печат“, Јелена открива како го запознала Лукас и детално го опишува моментот кога во себе си рекла: „Ова е човекот“. Јелена открива и уште нешто што досега не го кажала јавно, а тоа е дека следниот месец си заминува од Скопје, и за да биде блиску до својата љубов, таа ќе се пресели во Солун.

– Го запознав Лукас КОГА НЕ ГО БАРАВ и кога НАЈМАЛКУ ОЧЕКУВАВ. Сериозно. Оваа година воопшто немав време да мислам на партнер, затоа што многу други работи ми се случуваа во животот, расчистував прво некои работи со себе, се посветив максимално на мојот внатрешен мир, одлучив да си ја оладам главата со многу патувања и сакав да дознаам која сум јас во различни делови од светот. Тоа е процес што воопшто не е едноставен и трае. Но, за мене беше незаборавна авантура затоа што кога сте целосно посветени на себе, секој ден откривате нешто ново за вас и станувате сѐ посвесни за својот потенцијал. Еден таков ден кога лежев на плажа во Грција, бев сама, го гледав зајдисонцето и точно како вчера да беше, се сеќавам дека си мислев колку сум горда на себе што се учам да уживам во вакви секојдневни нешта и колку сум среќна токму сега во овој момент – два часа подоцна запознав човек за кој, во тој момент, не бев ни свесна дека ќе го промени целиот тек на мојот живот. Нашата прва средба не беше ништо во споредба со втората, која беше пресудна за мене. Јас често му велам – тоа беше љубов на втор поглед – хаха. Првиот разговор од неколку часови, мислам дека ги постави темелите за втора средба, се случи во еден ресторан, тој веќе ме чекаше таму, јас дојдов после него и моментот кога го видов уште од самиот влез, како нешто да ми рече ОВА Е ЧОВЕКОТ. Со секој чекор како што се приближував до масата, гласот стануваше сѐ посилен. Јас никогаш не сум била толку збунета и возбудена во исто време. Уште истиот ден и двајцата знаевме дека тоа е тоа. Сѐ друго е историја – вели Јелена за запознавањето со Лукас.

Фото: Приватна архива

Засега, тие уживаат во својата љубов на далечина, Јелена е во Солун секој викенд, а убавите мигови таа ги споделува со своите следбеници на Инстаграм, но за брзо време ова ќе се смени.

Спенџарска вели дека врска на далечина е многу комплицирано да се одржи, особено кога и двајцата зборуваат на јазик што не им е мајчин.

– Среќа што не сме многу далеку, сепак е место за кое не ти треба авионски билет, па сега-засега функционираме нормално. Но, веќе некое време размислувавме на оваа тема, и двајцата донесовме одлука дека најдобро е јас да се преселам таму. Сепак е поголем град, повеќе можности, повисоки температури и јас сум спремна за нови предизвици, така што ете, нешто што првпат го објавувам јавно, во март се селам во Солун – открива водителката и раскажува што е она што најмногу го сака кај својот партнер.

Фото: Приватна архива

– Тој е човек што постојано ме изненадува како карактер. Егото му е спуштено на минимум и тоа е најпредизвикувачкиот дел за мене. Со тоа учам многу за себе, како да бидам подобра и каде секојдневно грешам. Тотално небалкански менталитет, маж што знае како да се однесува со жена, многу внимава на сѐ што ќе каже, често знае да ме изненади со некоја негова идеја. Многу сме различни, а многу исти во исто време, тоа е некој чуден феномен, кој не можам да го објаснам, но функционира беспрекорно – вели Јелена.

Фото: Приватна архива

Спенџарска го коментира и нејзиното присуство на социјалните мрежи и на ТВ-екраните, а главната цел што е толку активна е пренесувањето на нејзиното убаво расположение на другите.

– За мене присуството на социјалните мрежи е многу важно, затоа што така полесно можам да допрам до пошироката маса и да се обидам на некој начин да им го разубавам денот, да ги поттикнам да размислуваат на одредена тема, да споделувам искуства, чувства да им евоцирам спомени, но во исто време и јас да учам од нив и да се развивам и надоградувам во одредена област која ме интересира. Инстаграмот и телевизијата се само алатки за таа моја мисија, но мојата личност, мојот карактер, мојот дух и енергија се тие што ја создаваат магијата. И многу ми е драго што вистинските луѓе го препознаваат тоа и што е најважно – реагираат. Без разлика дали ќе ме видат во живо или ќе ми пишат, комплиментите од типот „Леле, колку ми внесуваш убава енергија“ ми се омилени, и тогаш знам дека сум си ја постигнала целта – вели Јелена.

Фото: Приватна архива

Нејзина најголема слабост сепак се нејзините внуки, ќерките на нејзината сестра.

– Моите внуки се мојата слабост. Кога ќе поминам повеќе од три дена со нив и кога ќе се разделиме, толку многу ги мислам што дури ѝ се јавувам на сестра ми да ја прашам дали им дала да јадат. Хахаха, до толку се опседнувам. Знаат и од такт да ме извадат, но таква посебна љубов немам за никој друг како што имам за нив. Ми го разубавуваат животот и буквално имаат моќ да ми ја излекуваат секоја рана од душата. Навистина би било убаво еден ден да се реализирам како мајка, иако, морам да признаам, не ми е тоа главен приоритет. Ако можам да избирам, би сакала девојче, најверојатно поради внуките, затоа што сѐ ми е познато околу девојчиња. Но, вакви работи не треба да се форсираат и многу сум среќна што со Лукас не сме од оние парови што брзаат да се земат или да прават деца само затоа што така е редот. Не. Не живееме во тој свет и сметам дека никој не треба да живее со тој „мајндсет – вели Јелена.

Фото: Приватна архива

Сега-засега, таа и Лукас немаат планови за брак, повеќе се фокусирани на заедничкиот живот, затоа што за нив тоа е многу важна подлога за сето она што ќе следува понатаму.

ФОТО+ВИДЕО | Јелена Спенџарска го покажа момчето: Зетот е од Солун

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот