Јавното обвинителство почна да ги проверува наводите на Ременски за случајот „сребрено комбе“

Фросина Ременски, универзитетски професор/Фото: Слободен печат

Јавното обвинителство ја распределило пријавата на професорката по безбедност Фросина Ременски, за случајот „сребрено комбе“ кај јавен обвинител кој почнал да ги проверува наводите изнесени во неа, потврдуваат од Обвинителството за „Слободен печат“. Доколку бидат потврдени елементи на кривично дело ќе биде поведена постапка согласно надлежностите на обвинителството, а јавноста ќе биде известена, додаваат од службата за односи со јавност.

Минатата недела Ременски, водејќи се од законот за укажувачи почна да врши заштитено јавно пријавување за случајот, затоа што 14 месеци ниту Обвинителството ниту Агенцијата за национална безбедност не ја информирале воопшто што прават во врска со наводите на нејзината пријава која ја поднела поради сознанија што ги добила како пратеничка и член на Комисијата за надзор на работата на УБК во Собранието.

Според она што таа го посочи, кривичната пријава што ја поднела е за кривично дело против државата, шпионажа, неовластено прислушкување и тонско снимање, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување на службени исправи.

Ременски посочи дека пријавени се 9 лица, двајца поранешни одговорни лица во УБК, а останатите седум поранешни вработени во Петтата управа, од кои во моментот двајца работат во АНБ, а еден во МВР. Еден од нив, според Ременски, во странство со лажен идентитет кој го имал од 2007 година, купил сребрено комбе, го регистрирал на лажниот идентитет а потоа, со цел да продолжи неовластеното прислушкување, во возилото била инсталирана софистицирана хардверско техничка тактичка опрема за следење на комуникациите. Комбето, според Ременски излегувало на сите гранични премини надвор од Македонија.

-За целите на продолженото незаконито оперативно-техничкото постапување и извршување на оперативно-технички операции за следење на комуникации, тајно следење и визуелно тонско-снимање на лица и предмети со технички средства, надвор од законски регулираните постапки, еден од пријавените во периодот кога Горан Грујевски и Никола Бошковски се подготвуваат и се даваат во бегство и започнуваат судските постапки за случаите Таргет-Тврдина и Трезор, реализирал набавка на техничко средство – возило во кое подоцна била инсталирана и користена софистицирана хардверско-софтверска опрема и материјално-технички средства од неколку производители кои не биле дел од истрагата Трезор, односно воопшто и не биле предадени како такви на надлежниот истражен орган, рече проф. Ременски.

Целото видео за случајот сребрено комбе, може да го погледнете во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот