Jанкулоска ќе бара отштета од државата затоа што ја прислушувале

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Во поднесокот кој вчера преку мојот адвокат е поднесен до судскиот совет што го води предметот „Таргет-Тврдина“, поднесов барање да бидам на листата оштетени и притоа побарувам оштетно побарување, вели за „Слободен печат“ поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, една од шесте обвинети во случајот.

– СЈО своевремено јавно кажа дека моите комуникации биле незаконски следени повеќе од 700 дена. Во постапката неколку сведоци го потврдија тоа и согласно таа фактичка состојба како и сите други што биле незаконски следени и се чувствуваат оштетени, го поднесов моето барење. Според СЈО, но и според сведоците јас сум едно од лицата кое најдолго биле незаконско следено во континуитет. Тоа е повреда на човековите права од најтежок вид во било која нормална држава. За разлика од другите оштетени, само снимките од моите комуникации и уште на неколку луѓе јавно се емитувани и уште се достапни на неограничен број на луѓе, што е дополнително флагрантно и грубо кршење на човековите права, изјави Јанкулоска за „Слободен печат“.

На вчерашното рочиште за „Таргет-Тврдина“, десетина новинари, политичари и други лица, кои биле дел од масовното и незаконско прислушување од страна на сега веќе згаснатата УБК, пред судиите нагласија дека се чувствуват оштетени и истакнаа дека пријавуваат оштетно побарување. Според законот, штетата за сите оштетени во случајот ќе биде надоместена од Буџетот на Република Македонија.

Обвинети во предметот се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над 4.000 телефонски броеви во периодот меѓу 2008 година и 2015 година. Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, додека обвинението е застапувано од обвинителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот