Јане Ченто, осуден за „27 април“, станал градежен инвеститор со десетина станови на лагер
Јане Ченто, еден од осудените за упадот во Сообраниетo на 27 април 2017 година, станал сопственик на градежна фирма во Прилеп, која веќе поседува барем десетина стана, објави „Фактор“.
Препорачано
На 10 ноември, Ченто станал содружник во компанијата „Арена Груп увоз-извоз Дооел-Прилеп“, чијашто дејност е „изградба на станбени и нестанбени згради“. Таа е основана во 2022 година, а нејзини почетни сопственици, според достапните податоци во Централниот регистар, биле Елдин, Есад и Елдина Хасановиќ од селото Лажани во општината Долнени, со речиси еднакви удели, пишува порталот.
„Арена Груп“ како инвеститор лани во јули добила од Општина Прилеп одобрение за градење на станбена зграда во населбата „Димо Наредникот“. Според податоците на Катастарот, „Арена Груп“ веќе поседува десетина стана од по 70-тина метри квадратни метри и други придружни простории.
Општината засега не одговара на прашањата на „Фактор“ за тоа дали има уште некое одобрение за градење кое ѝ е издадено на компанијата на Ченто. Одговор засега нема ниту од Управата за извршување на санкции – за тоа каков е моменталниот статус на Ченто како осудено лице.
Јане Ченто, кој е осуден на 13 години за учество во „крвавиот четврток“, лани во март присуствуваше на свечената конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на која беше потврдена Гордана Силјановска-Давкова како кандидат за претседател.


