Јанчева: Се сомневаме дека инспекторите не смеат да постапуваат без согласност од секретарот на Град Скопје

Советничката група на СДСМ и коалицијата бара вонредна седница на Советот на Град Скопје за решавање на проблемот со загадениот воздух, кој во главниот град е на алармантно високо ниво, рече денеска на прес-конференција Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ. Таа, меѓудругото, рече дека СДСМ се сомнева дека инспекторите не смеат да постапуваат без усна согласност на секретарот на Град Скопје.

– Доколку е така, тоа мора да престане веднаш – рече Јанчева.

Таа рече дека  локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во Скопје со Левица и  Данела Арсовска не преземаат ништо за да го решат овој проблем.

– СДСМ е одговорна партија и за нас, граѓаните се на прво место. Затоа советничката група на СДСМ и коалицијата на вонредна седница ќе предложи мерки – рече таа.

Мерките што ќе ги предложат се: итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, итна прераспределба на пари во градскиот буџет за борба против загадувањето, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување со еколошки енергенси, акциски план за чистење на сите депонии, чистење и миење на улиците и јавните површини со на цистерни, како и безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.

– Скопје деновиве е на врвот на листата на најзагадени градови во светот, што директно влијае врз здравјето на луѓето. Аерозагадувањето е најголемиот причинител на зголемен број на заболувања кај луѓето и предвремена смртност. Всушност, ова е резултатот од незаинтересираноста на Арсовска и ДПМНЕ за граѓаните на Скопје. Ова е резултатот од нивните кавги за тендери и провизии, а за реалните проблеми на граѓаните не направија ништо. За жал, сите ние скапо ја плаќаме цената за ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Арсовска – рече Јанчева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот