Јанчева ги повика Зелен хуман град, ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ да поддржат вонредна седница, ЗХГ не се согласува со предлог-мерките

Љубица Јанчева / Утрински брифинг

Кооординаторката на Советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска ги повика советниците од Зелен хуман град, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да дадат поддршка за вонредна седница, за што, поради сериозноста на состојбата со загадениот воздух, оваа советничката група веќе поднесе иницијатива. На иницијативата поддршка со свои потписи дадоа и советниците од политичките партии ДОМ и ЛДП.

– Покрај иницијативата ние како советничка група предлагаме и седум мерки кои имаат за цел намалување на загадувањето во главниот град. И претседателот на Советот Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ прифаќа дел од мерките и смета дека тие можат да помогнат во намалување на загадувањето – рече Јанчева.

Таа нагласи дека согласно Деловникот за работа на Советот, ако на иницијатива за вонредна седница се потпишат една третина, односно 15 советници, седницата мора да се одржи.

Токму недоволниот број потпишани советници е причината поради која Славески уште не закажал вонредна седница, но како што нагласи тој, иницијативата е пратена кај градоначалничката Данела Арсовска и се чека нејзино мислење.

Вчера пак, од Зелен хуман град посочија дека прифаќаат иницијатива за вонредна седница, но не се согласуваат со дел од предлоќените точки за дневен ред, а дневниот ред не може да се менува на вонредна седница, па, како што наведоа, би поддржале одржување на вонредна седница само доколку постои согласност за измена на предлог-точките со цел тие да нудат вистинско решение за загадувањето на воздухот.

Тие предлагаат други мерки, што според нив, вистински можат да го намалат загадувањето на воздухот во главниот град.

Според анализите на загадувањето на воздухот предизвикано од сообраќајот кои за Град Скопје ги има изработено УГД/Фармахем, загадувањето од сообраќајот е минорно во однос на другите извори и сите мерки насочени кон редукција на емисиите од сообраќај особено во време на есенскиот и зимскиот период е исклучено дека може да имаат каков било ефект – велат од ЗХГ.

Оттаму  објаснуваат дека на годишно ниво ЈСП има расходи од приближно 2 милијарди денари, па наместо да се користат тие финансии за зелени инвестиции со кои навистина ќе се намали загадувањето, се предлага средствата да се заробат во мерка како што е бесплатниот јавен превоз, која, според ЗХГ, нема да произведе никаков ефект врз аерозагадувањето имајќи ги предвид цитираните научни податоци.

Од Зелен хуман град како приоритетни мерки за ефективно решавање на аерозагадувањето предлагаат поставување мрежа од локални мерни станици околу индустриски капацитети на територија на Град Скопје, поставување фотоволтаични системи на сите објекти под надлежност на Град Скопје, потоа субвенции за поставување фотоволтаици за домаќинства и поставување градски компостари за претворање на биоотпад во биогас и компост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот