Јаков Јозиновиќ во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Јаков Јозиновиќ по концертот во Скопје: „Македонците ме знаат и ме ценат, тоа ме остави без зборови“

По успешниот концерт во арена „Јане Сандански“, хрватскиот пејач Јаков Јозиновиќ одржа прес-конференција во Скопје, каде што говореше за впечатоците од престојот во Македонија, емоциите од настапот и плановите за иднината.

Младиот музичар откри дека веќе неколку дена престојува во земјава и дека остварил посебна врска со публиката.

„Јас сум во Македонија веќе три дена. Пред два дена бевме во Крушево, да ја посетиме спомен-куќата на Тоше. Три дена подоцна, јас се чувствувам поврзано со Скопје и со луѓето тука. Моето чувство е неверојатно, бидејќи Хрватска и Македонија се доволно далеку, а истовремено сме толку исти. Исклучително ми е драго што имав шанса да настапам во Скопје, сè уште не ми се верува дека ја имав оваа прилика. Мене ми е голема чест. Најискрено, македонската публика досега беше најдобра“, изјави Јозиновиќ.

Тој се осврна и на шегите што се појавија на социјалните мрежи за неговото наводно македонско потекло.

„Не, тоа беше шега, таков ми е хуморот. Но, кога ваква публика ќе ме прифати на овој начин, како да не се чувствувам како да сум нивен?“, рече тој.

Јозиновиќ призна дека веќе тешко може да се движи незабележано, а посебно го изненадила реакцијата на најмладите.

„Луѓето веќе ме препознаваат, така што не успевам да се движам туку-така. Имам интересна приказна – бевме во Крушево и излегов од комбето пред едно училиште. Им реков на моите дека нема шанси децата да ме препознаат. Но, кога поминав покрај нив, сите почнаа да ја пеат мојата песна ‘Ја волим’. Тоа ме остави без зборови. Македонците ми покажаа дека ме знаат, но и дека ме ценат“, раскажа пејачот.

Освен музиката, како што вели, го воодушевила и македонската кујна.

„Тавче-гравче! Сум јадел грав во Хрватска, но никогаш олку добар. Генерално, сè што пробав беше многу фино и деновиве јадам како крал“, додаде тој низ насмевка.

На прашањето за нова музика, Јозиновиќ најави дека наскоро ќе објави нови песни.

„До концертот во Охрид ќе биде готов целиот албум, а веќе овој месец ќе објавиме нова песна“, откри тој.

Пејачот зборуваше и за македонскиот јазик, кој, како што вели, многу му се допаѓа.

„Денеска си дадов задача да ја научам ‘Боже, чувај ја од зло’. Ја научив за еден ден. Многу ми се допаѓа вашиот јазик и македонските верзии на песните на Тоше. До следниот концерт ќе научам уште неколку песни на македонски – тоа е покажување почит кон публиката“, рече Јозиновиќ.

Зборувајќи за својот музички вкус, тој истакна дека љубовта кон старите хитови дошла природно.

„Отсекогаш сум ги слушал Оливер Драгојевиќ и Дино Мерлин, а со време сфатив колку се добри Здравко Чолиќ и Ѓорѓе Балашевиќ, па и Тоше. Тоа е музиката што ја чувствувам и што ја сметам за вистинска“, истакна тој.

На крајот, се осврна и на емотивниот момент од концертот, кога не успеа да ги задржи солзите.

„Ова трае веќе шест месеци и ова што го живеам е неверојатно. Ова е нешто што го сонував цел живот. Ова е 10-годишниот Јаков кој им кажуваше на сите дека ќе успее. И сега, на 20 години, сè уште не можам да се освестам дека е вистина. Кога ја гледам публиката, сфаќам дека ова навистина се случува и не знам како поинаку да изреагирам. Македонската публика навистина ме допре. Неверојатно ми е дека едно момче од мал хрватски град прави концерт во Скопје. Затоа ќе бидам благодарен засекогаш“, изјави Јозиновиќ.

ФОТО+ВИДЕО | Јаков Јозиновиќ се расплака во Скопје: „Не можам да поверувам што ми се случува, вие сте најдобрата публика“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот