Јаков Јозиновиќ во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

ФОТО+ВИДЕО | Јаков Јозиновиќ се расплака во Скопје: „Не можам да поверувам што ми се случува, вие сте најдобрата публика“

Регионалната сензација Јаков Јозиновиќ синоќа го одржа својот прв концерт во Македонија, а настапот во скопската арена „Јане Сандански“ помина пред повеќе од 5.000 луѓе, кои во еден глас ги пееја песните заедно со него.

Јаков го отвори концертот со својата прва авторска песна „Поље ружа“, а публиката веднаш беше понесена од неговата игрива енергија и харизма. Младиот пејач, кој има само 20 години, повеќе од два и пол часа беше на сцена – пееше, играше и постојано комуницираше со публиката.

Јаков Јозиновиќ во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Најсилниот момент од вечерта се случи кога, понесен од атмосферата, клекна на колена и ѝ се поклони на публиката.

„Вие сте најдобрата публика досега. Ова е неверојатно. Не можам да поверувам што ми се случува. Кога пред три години првпат дојдов во Македонија не ме знаеше никој, а денес повеќе од 5.000 луѓе сте тука и пеете со мене“, рече Јозиновиќ.

Јаков Јозиновиќ во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Концертот беше исполнет со интеракција – делеше рози, разговараше со фановите, поставуваше прашања и преку нив ги најавуваше песните.

Во текот на вечерта изведуваше преработки од регионални ѕвезди како Оливер Драгојевиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Здравко Чолиќ, Дино Мерлин и Џибони, а посебен акцент стави на песните од Тоше Проески, со што покажа посебна љубов за своите македонски обожаватели.

Јаков Јозиновиќ во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Пред да ја изведе „Боже, чувај ја од зло“, тој ѝ се обрати на публиката со емотивни зборови.

„Јас имам фатено многу малку од кариерата на Тоше. Толку бев мал, што не ни бев свесен дека тој постои – имав само две години кога тој загина. Но, Тоше е еден од моите најдраги пејачи. Дефинитивно, личност на која сите ние треба да се угледаме. Има една негова песна, која јас обожавам да ја пеам на моите настапи, но вечерва се потрудив да ја научам на вашиот јазик, а се надевам дека вие ќе ми помогнете за да не згрешам“, рече Јаков.

Потоа, со помош на публиката, ја испеа песната на македонски јазик.

Јаков Јозиновиќ во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Еден од најемотивните моменти во текот на вечерта беше кога ја изведе „Игра без граница“, исто така од Тоше Проески, додека публиката со вклучени светла на телефоните создаде „ѕвездено небо“ во арената.

Во текот на концертот, Јаков во еден момент се спушти меѓу публиката, продолжувајќи да пее, овојпат со песната „Средином“ од Дино Мерлин, при што се движеше низ арената, се поздравуваше, се фотографираше и пееше заедно со присутните.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Интересен беше и моментот што голем дел од публиката беа млади, кои во еден глас пееја песни постари од нив, што дополнително го потврди влијанието што ова младо момче го има врз новата генерација.

Посебна реакција предизвика и неговата втора авторска песна „Ја волим кад си ту“, која ја испеа двапати во текот на вечерта. При второто изведување, публиката во еден глас ја пееше песната без негова помош, што навистина го воодушеви младиот хрватски пејач.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

На самиот крај од концертот, емоциите целосно го совладаа – Јаков го сокри лицето, се фати за глава и се расплака на сцената, додека публиката го испрати со долг аплауз.

Нашиот главен град одамна не доживеал толку магична музичка вечер, младиот Јаков Јозиновиќ нè освои со својата неверојатна енергија и на целата публика во арената ѝ стана јасно дека некои луѓе, едноставно, се раѓаат со тој посебен икс-фактор кој те остава без зборови. Таков беше Тоше, а таков е и Јаков, и со нетрпение го очекуваме секој следен концерт на овој млад талент.

Настапот во Скопје беше дел од турнејата „Ја за чуда летим“, која бележи сериозен успех низ регионот, со речиси сите концерти распродадени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот